ПочетнаЕКОНОМИЈАСтан под кирија или стан на рати?

Стан под кирија или стан на рати?

Во Македонија последниве години станува сè поочигледна дилемата кај младите – да плаќаат кирија од 400 евра или да се впуштат во кредит со месечна рата од 350 евра?

На хартија изгледа едноставно: помала месечна обврска, сопствено место и чувство на стабилност. Но, животот никогаш не е толку стерилно пресметан, нели?

„Јас живеам во изнајмен стан во Аеродром и плаќам 380 евра кирија. Кога ќе додадам сметки и трошоци, тоа ми е половина од платата. Кредит звучи подобро, ама се плашам од долг рок – што ако ја изгубам работата?“, раскажува Мартина, 28-годишна програмерка која веќе три години бара излез од „стекнатата зависност“ од киријата.

Банките во моментов нудат хипотекарни кредити со рати околу 350 евра за станови од 50-60 квадрати, зависно од каматата и условите. На прв поглед – поповолно од кирија.

Но, треба да имаш учество, сигурна работа, а најчесто и двајца со-потписници.

„Младите се притиснати помеѓу растечките цени на недвижностите и ниските плати. За дел од нив е незамисливо да врзат кредит 25 години однапред“, објаснува економистот Ведран Кузмановски.

Иронијата е што, иако ратата за кредит е пониска од киријата, многумина не можат да го земат кредитот – заради условите што ги бараат банките. Така, продолжуваат да плаќаат кирија како во бездна, без да градат сопствен капитал.

„Тоа е психолошки најтешко. Секој месец пари во туѓ џеб“, додава Никола, кој со сопругата живее во Тафталиџе.

Сепак, не е сè толку црно-бело. Изнајмувањето дава флексибилност – можеш да се преселиш ако работата те однесе во друг град или странство.

Кредитот, пак, е сидро – и за добро и за лошо.

„Да, убаво е да имаш свое, ама што ако утре треба да заминам во Германија?“, вели студентка од Скопје која размислува да се исели штом дипломира.

Пазарот на недвижности дополнително ја влошува сликата. Цените на становите во Скопје во последните пет години пораснаа за над 50%.

Еден стан кој во 2018 година чинел 1.200 евра по квадрат, сега е 2.000 или дури 2.500 во Центар. А кириите, пак, пораснаа уште поагресивно – особено со доаѓањето на странски работници и студенти.

„Не е прашање само на математика, туку на доверба во системот. Ако младите веруваат дека ќе имаат стабилни приходи, ќе изберат кредит. Ако не – остануваат под кирија. А довербата, за жал, е кревка категорија“, вели социологот Љубица Маџовска.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП