ПочетнаЗДРАВЈЕНаучниците ја открија тајната на долговечноста на најстарата жена во светот која...

Научниците ја открија тајната на долговечноста на најстарата жена во светот која живеела 117 години

Најсеопфатната студија досега за организмот на една долговечна жена откри дека дури и во многу напредна возраст, мозокот не мора нужно да покажува проблеми или да развива класични болести карактеристични за староста.

Лекарите во Шпанија спроведоа детална серија тестови врз Марија Брањас Морера, која беше најстарата жена во светот пред нејзината смрт на 117 години минатата година. Тие открија дека иако нејзиното тело покажуваше јасни знаци на екстремна старост, голем број биолошки фактори ја штитеа од болести кои вообичаено ги мачат луѓето во нивните последни години.

„Општото правило е дека колку што старееме, толку повеќе се разболуваме, но Морера беше исклучок и сакавме да разбереме зошто“, рече професорот Мануел Естегвар од Институтот за истражување на леукемија „Хозеп Карерас“ во Барселона.

Во годините пред нејзината смрт, Морера ги замоли лекарите да ја проучат за да разберат зошто достигнала толку напредна возраст. Родена во Сан Франциско во 1907 година, Морера се преселила во Каталонија во 1915 година и преживеала две светски војни, Шпанската граѓанска војна и пандемијата на Ковид, дури и се опоравувала од вирусот на 113-годишна возраст.

Естегвар и неговите колеги користеле примероци од крв, плунка, урина и столица собрани една година пред смртта на Морера за да создадат детална слика за состојбата на нејзиното тело. Медицинските прегледи се фокусирале на нејзиниот генетски „профил“ и степенот до кој различните гени биле „активни“, на варијациите и нивоата на протеините во нејзината крв и на разновидноста на микробите во нејзините црева.

Меѓу многуте откритија, научниците откриле дека заштитните краеви наречени теломери на краевите на хромозомите на Морера биле екстремно кратки, јасен знак дека нејзините клетки стареат. Нејзиниот имунолошки систем, исто така, покажувал знаци на стареење, бил склон кон воспаление и имал стекнати мутации што би можеле да доведат до леукемија.

Сепак, Морера била во добра здравствена состојба. Теломерите се скратуваат секој пат кога клетките се делат, а нејзините беа толку кратки што можеби ја заштитиле од рак, со оглед на тоа што го ограничувале и бројот на клетки што продолжувале да се делат, рече Естегвар.

Дополнително, анализата на ДНК-та на оваа жена откри генетски варијации што ги штителе нејзините срцеви и мозочни клетки од болести и деменција. Таа имала ниски нивоа на воспаление низ целото тело, што го намалувало ризикот од рак и дијабетес, како и ефикасен метаболизам на холестерол и масти. „Сите овие се клучни бидејќи се поврзани со болести типични за постарите лица кои на крајот ги убиваат“, рече Естегвар.

Потоа, тимот сакал да ја процени биолошката возраст на Морера. „Таа била најмалку 10 до 15 години помлада органски [од нејзината вистинска возраст]“, рече Естегвар. Нејзиниот цревен микробиом бил исто така многу „млад“ за нејзината возраст.

Сепак, нејзината долговечност не се должела само на генетски фактори. Морера не била дебела, пиела многу јогурт, не пушела и не пиела алкохол. Таа исто така имала добар општествен живот со пријателите и семејството.

„Сето ова сигурно помогна“, нагласува Естегвар.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП