Во текот на изминатите неколку месеци, слушнавме повеќе гласини дека Google планира да создаде нова платформа за персонални компјутери. Се чини дека таа платформа ќе биде Андроид.
На годишниот настан на Qualcomm, каде што ги најави водечките процесори од серијата Snapdragon X2 Elite за Windows уреди и чипсетите Snapdragon 8 Elite Gen 5 за паметни телефони, компанијата направи уште едно изненадување во разговорите со раководителите на Google.
„Значи, она што го правиме е во основа да го земеме искуството со ChromeOS и да ја пребазираме технологијата што ја содржи на Android. Таа комбинација е нешто за што сме навистина возбудени следната година“, рече Самир Самат, раководител на екосистемот Android во Google.
Google работи на овој проект во соработка со Qualcomm, што најверојатно значи дека тие ќе го обезбедат чипсетот и за овој нов тип уред. Ова значи дека можеме да очекуваме лаптопи со подолг век на траење на батеријата, моќни јадра на процесорот, супериорни перформанси на вештачката интелигенција и, можеби, со мобилна поврзаност.
Google нема планови да го пензионира Chrome OS, ниту пак таблетите со Android ќе се повлечат. Главната идеја на Андроид лаптопите е да се постигне беспрекорна поврзаност помеѓу уредите, слично на екосистемот на Apple. Сепак, Google се стреми кон подлабоко ниво на интеракција меѓу уредите со тоа што ќе го задржи Андроид на телефоните и таблетите и ќе ги донесе неговите основи на лаптопите.



