ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија го зголемува ДДВ-то и воведува данок за коцкање за стабилизирање на...

Русија го зголемува ДДВ-то и воведува данок за коцкање за стабилизирање на буџетот

Руското Министерство за финансии достави до Државната Дума пакет закони, вклучувајќи ново ажурирање на буџетот за 2025-та година, нацрт-законот за 2026-та година и прогнозата за буџетот за 2027-2028 година.

Официјално објавените податоци покажуваат дека со цел стабилизирање на буџетскиот и финансискиот систем, институцијата предлага да се зголеми данокот на додадена вредност од 20% на 22%, а воедно да се задржи намалената стапка од 10% за „социјално значајни“ стоки како што се лекови, детски производи итн. Се намалува и прагот на кој компаниите мора да се регистрираат за ДДВ – од 60 милиони на 10 милиони рубљи.

Доколку биде одобрен од пратениците, овој предлог ќе стапи на сила на 1-ви јануари 2026-та година.

Се воведува и данок на работата на обложувалниците во износ од 5% на прифатените облози, како и корпоративен данок од 25% на активностите на компаниите поврзани со коцкање. Според мотивите на Министерството за финансии, целта е да се осветли работата на обложувалниците во Русија.

Во мај, Министерството за финансии го ажурираше буџетот за 2025-та година во контекст на намалување на приходите од трговијата со нафта и растечките трошоци за војната во Украина. Дефицитот е веќе над утврдениот на почетокот на годината и достигнува 4,2 трилиони рубљи (50,2 милијарди американски долари) во периодот јануари – август 2025-та година.

Руските опозициски медиуми зборуваа за зголемување на даноците уште на почетокот на септември. Според нивните извори во Кремљ, се очекува повеќе од 11 милијарди долари годишно да се додадат во буџетот од зголемениот ДДВ-то.

Во статијата насловена како „ДДВ во мобилизација“, рускиот весник „Комерсант“ забележува дека даночната стапка се зголемила од 18% на 20% во 2019-та година, што потоа ја забрзало инфлацијата за помеѓу 0,8 и 0,9 процентни поени. Централната банка на Русија со месеци се бори со висока инфлација и дури во јули почна да ја намалува клучната каматна стапка, која тогаш беше на рекордно високо ниво од 21%.

Објавувањето истакнува дека нема податоци за тоа колкави ќе бидат приходите од зголемениот данок, но проценува дека новото зголемување ќе донесе до 1,3 трилиони рубљи (15,5 милијарди долари) во буџетот.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП