Колку чини родителството? Прашање што секој млад татко и мајка си го поставуваат дури и пред да стигне првото бебе дома.
Во моментот кога ќе се донесе живот на свет, покрај среќата и радоста доаѓа и сметката – пелени, млеко, влажни марамчиња, креветче, количка… и уште илјада ситници што никој не ги пресметал на време.
И тогаш сфаќаш дека бебињата не се само малечки суштества што бараат внимание, туку и најголемиот финансиски предизвик.
„Само за пелени давам повеќе од 5.000 денари месечно“, вели една мајка од Скопје со која разговаравме во маркет. „И тоа ако купам на акција. Ако не, бројката оди нагоре. А и акциите… не траат долго“.
Родителите често коментираат дека најголем дел од буџетот за бебето се слева токму таму – во пелени и формула.
Еден татко кој го сретнавме пред аптека се надоврзува:
„Млекото е посебна приказна. Некои марки чинат и по 1.200 денари за кутија, а една кутија трае десетина дена. Ако бебето е алергично, тогаш мора да купуваш специјализирани формули што чинат двојно повеќе. Тука нема избор – мораш да земеш“.
Дури и кога ќе се одлучи родителот да користи памучни пелени, работата не станува поевтина. Машина за перење, средства за перење, дополнителни сметки за струја и вода – трошоците пак се качуваат.
Тоа е еден вид замка: колку и да се обидуваш да најдеш „поевтина“ опција, во реалноста само ја прераспределуваш сметката.
Секој месец изгледа како трка со бројки. Внесуваш во табела, собираш, одземаш… па сепак на крајот резултатот е ист – сумата е сериозна.
И не станува збор само за основното. Родителите го сакаат најдоброто за своето дете: органска храна, квалитетна облека, безбедни колички, автоседишта со сертификат. Сето тоа значи дополнителни нули на сметката.
„Јас не жалам за парите, ама понекогаш се прашувам – како преживуваат семејства со просечна плата?“, вели една баба која го чува своето внуче.
Нејзиното прашање звучи болното секојдневие на многумина: Македонија е земја каде што минималната плата е околу 24.000 денари, а трошоците за бебе многу често ја надминуваат таа бројка.
Економистите потврдуваат дека расте притисокот врз младите семејства.
„Родителството во Македонија е сè поскапа инвестиција. Државните субвенции се ограничени, а пазарот е преплавен со увозни брендови чија цена е далеку над стандардот“, коментира еден универзитетски професор.
Б.З.М.



