Иницијативата „Стоп за Вардариште“ најави два протести во петок, 26 септември. Освен закажаниот протест во 18 часот, ќе се одржи и утрински протест со почеток во 7:30 часот. Протестот ќе биде со блокада на мостот „Близнаци“, кај паркот “Авионче”.
Организаторите велат дека се одлучија на овој чекор поради истекување на рокот од пет дена што го дадоа за да се почне со исполнување на итните барања, меѓу кои се:
-воспоставување 24-часовен видеонадзор и физичко обезбедување на „Вардариште“
-итно иселување и згрижување на лицата што живеат таму
-поставување ограда околу депонијата, почнување процес за конечно затворање
-откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите
-ригорозни мерки против сите што ќе продолжат да фрлаат отпад.
“Барањата беа доставени до претседателката на Македонија, Владата на Македонија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром. До сега, не добивме одговор од ниту една институција. Ги повикуваме СИТЕ ГРАЃАНИ да ни се приклучат бидејќи ЧИСТ ВОЗДУХ е ПРИОРИТЕТ за сите нас”, велат од иницијативата.



