Министерството за финансии и Владата најавија ново задолжување на меѓународниот пазар преку издавање нова еврообврзница.
„Планирано е да се обезбедат 950 милиони евра преку издавање нова еврообврзница. Од тоа 700 милиони евра ќе бидат наменети за рефинансирање на Еврооврзницата издадена во 2020 година, додека преостанатите 250 милиони евра ќе бидат искористени за буџетско финансирање, како и секоја година. Односно, планирано е буџетскиот дефицит да се финансира делумно преку домашниот пазар, а делумно преку надворешно финансирање, односно со издавање еврообврзница“, вели министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека постапката за издавање на еврообврзницата е веќе започната и дека планот е да се излезе на меѓународнито пазар во јануари и да се издаде еврообврзницата.
„Нашата цел е да излеземе на меѓународните пазари и да ја издадеме еврообврзницата во најповолен момент. Во таа насока, за време на престојот во САД, на есенските средби на Светска банка и ММФ, имам договорено средби со потенцијални инвеститори. Можам да истакнам дека ова е една од приоритетните активности на Министерството за финансии во моментот“ рече министерката за финансии во гостување на ТВ 21.
„Заклучно со јуни 2025 година јавниот долг е на ниво од 58,5% од БДП, најновиот податок кој го имаме во Министерството за финансии заклучно со јули покажува ниво од 58,7% од БДП. Доколку продолжиме со ваквата динамика и доколку економијата се одвива според очекувањата, можно е во 2025 година да не го достигнеме проектираниот јавен долг од 62,1%, туку тој да биде и понизок“, рече Димитриеска-Кочоска.



