ПочетнаЕКОНОМИЈАНеидентификувани дронови забележани над четири аеродроми во Данска

Неидентификувани дронови забележани над четири аеродроми во Данска

Неидентификувани дронови беа забележани над четири аеродроми во Данска, поради што еден од нив беше затворен неколку часа, соопшти данската полиција.

Според данските медиуми, дронови беа видени над аеродромите Есјберг, Скирдструп, Сендерборг и Алборг, при што вториот е затворен за сообраќај. Алборг е град на северот од Данска.

„Активностите на дронови го нарушуваат нормалното работење на аеродромот“

Портпаролот на аеродромот Алборг одби да коментира за бројот на регистрирани дронови, но тамошната полиција потврди дека е забележан поголем број.

„Активностите на дронови го нарушуваат нормалното работење на аеродромот во Алборг. Затоа, воздушниот сообраќај е затворен и сите летови, од сега па натаму, се откажани“, рече првиот човек на локалната полиција Јеспер Бојгард, додаде дека ситуацијата продолжува да се следи и контролира од нивна страна.

Полицијата, исто така, посочи дека останува прашање дали дроновите видени над Алборг имаат врска со оние од пред два дена во Копенхаген.

Што се случи во понеделникот?

Аеродромот во Копенхаген беше затворен речиси четири часа во понеделник навечер откако неидентификувани дронови беа забележани над пистата, соопшти данската полиција.

Според Ројтерс, сведоците опишаа како авионот имал вклучени светла и останал на висина што го оневозможило слетувањето и полетувањето, што укажува дека не бил управуван од аматер, туку од некој со сериозно знаење и опрема. Полицијата изјави дека дроновите, според проценката на истражителите, биле управувани од „способен оператор“.

Сличен инцидент е регистриран истиот ден во Осло, каде што сообраќајот на аеродромот бил прекинат три часа. Норвешките власти сè уште не ги поврзале двата случаи, но, според Ројтерс, тие се во постојан контакт со данските истражители додека истрагата за потеклото на дроновите продолжува.

Данска го покажува прстот кон Русија

Во изјава за националното радио, данската премиерка Мете Фредериксен го нарече појавувањето на дронови над аеродромот во Копенхаген најсериозен напад врз клучната инфраструктура на Данска досега: „Тоа кажува нешто за времето во кое живееме и за што ние како општество мора да бидеме подготвени“.

„Отворени сме за сите опции за тоа кој стои зад ова. Не можам да ја исклучам можноста дека е Русија. И тоа јасно се совпаѓа со развојот на настаните што ги видовме неодамна со други напади со беспилотни летала, кршење на воздушниот простор и сајбер напади врз европските аеродроми“, рече Фредериксен.

„Очигледно целта беше да се наруши сообраќајот и да се создадат немири. Да се ​​создаде загриженост. Да се ​​види колку далеку може да се оди во тестирањето на границите. Видовме беспилотни летала над Полска кои не требаше да бидат таму, видовме активности во Романија, кршење на естонскиот воздушен простор, имаме хакерски напад врз европските аеродроми во текот на викендот, а сега беспилотни летала во Данска и Норвешка“, заклучи данскиот премиер.

Кремљ изјави дека „нема докази“ за тврдењата за руска вмешаност во инцидентот и дека затоа „не ги сфаќа сериозно“.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП