Да се организира роденден за дете денес изгледа како мини проект, а често и како финансиски подвиг што бара план и калкулација.
Родителите, сакајќи да му овозможат на своето дете ден за паметење, неретко завршуваат со сума што излегува далеку над рамките на просечниот семеен буџет.
Самото прашање „колку чини еден детски роденден?“ нема едноставен одговор – затоа што зависи од стилот, местото, бројот на гости, па дури и од тоа колку креативни се родителите во штедењето или пак колку се подготвени да се впуштат во раскош.
Ако се тргне од основата, првиот трошок е просторот. Изнајмувањето на игротека во Скопје чини од 3.500 до 7.000 денари за два до три часа, зависно од денот и пакетот што го нудат.
Некои игротеки вклучуваат аниматори, храна и пијалаци, други пак само простор и реквизити.
Родителите кои решаваат да го прослават дома или во двор можат да заштедат на тој дел, но веднаш потоа се соочуваат со следниот товар: кетерингот.
Парче пица и сок за дваесетина деца изгледа симболично, ама на крајот сметката знае да надмине 5.000 денари, особено ако се додаде нешто и за возрасните гости.
Се случува и наједноставниот сендвич да се претвори во сериозен буџетски проблем кога бројот на поканети ќе се удвои.
Тортата е приказна сама за себе. Денес речиси никој не нарачува „обична“ торта – барањето е да биде тематска, со ликови од цртани филмови, со три спрата, фондан, украси, свеќички што пеат…
Цените почнуваат од 2.500 денари, а лесно одат и до 8.000 ако родителот сака „вау-ефект“.
Како што вели една мајка од Карпош, „порано тортата ја правевме дома, сега ако не е спектакл – како да не си правел роденден“.
Потоа следуваат подароците за гостите – малите пакетчиња со слатки или играчки кои се практично стандард. Тие чинат од 50 до 200 денари по дете, што за група од 20 гости значи нови 2.000 до 4.000 денари.
Додајте ја и декорацијата: балони, транспаренти, тематски чаршафи и чашки. Еден скромен сет е околу 1.500 денари, а ако се оди на балон-арки и професионален декоратор, сметката може да скокне двојно или тројно.
И тоа не е крајот. Фотограф или снимател за да се овековечи настанот? Пакетите се движат од 3.000 па нагоре.
Аниматор или кловн? Од 2.500 до 5.000 денари. Дури и ако ништо од ова не се земе, ситниците како хартиени салфети, свеќички, украси за маса – сите тие на крајот тивко ја зголемуваат сумата.
Според груба пресметка, еден „просечен“ роденден за дете во Скопје денес чини од 12.000 до 20.000 денари, а неретко и повеќе.
Има родители што се обидуваат да ја намалат сумата правејќи сè сами – од храната до украсите – но времето и трудот што се вложуваат се нова цена што не се гледа на сметката, ама се чувствува.
„Ако сакаш да биде убаво и децата да уживаат, не можеш да заштедиш премногу. Секогаш нешто ќе излезе плус“, коментира татко на седумгодишник кој признава дека на роденденот потрошил колку на едно викенд-патување.
Прашањето останува: дали е сето тоа навистина неопходно? Некои родители велат дека „децата нема да запомнат дали имале три кловнови или една торта со Спајдермен, ама ќе ги запомнат атмосферата и вниманието“.
И можеби токму тоа е најважниот трошок – оној што не се пресметува во пари. А сепак… сметката доаѓа на крај и не секој може да си ја дозволи.
И токму тука се гледа реалноста: радоста на децата чини, и тоа не малку.
Б.З.М.



