Во Македонија денес ќе сретнете млади луѓе со дипломи в рака и празни џебови. Од факултетските клупи излегуваат со знаење и амбиции, а потоа како да удираат во невидлив ѕид.
Работни места има, велат институциите, но не и за нив. Остануваат да кружат меѓу огласи, интервјуа и бескрајни разговори, додека надежта малку по малку се топи.
Ана, 26-годишна магистерка по меѓународни односи, вели дека веќе три години аплицира на огласи, праќа биографии и оди на интервјуа.
„На крајот или ми велат дека немам доволно искуство, или местата веќе се пополнети… па човек почнува да се чувствува како да е невидлив,“ признава. И додава нешто што звучи болно искрено: „Кога ќе ми речат: земи работи било што, за да имаш плата, ми доаѓа да прашам: а зошто тогаш толку години учев?“
Економистот Ведран Кузмановски вели дека ова не е само прашање на индивидуални судбини, туку и на пошироки општествени последици.
„Млади луѓе со дипломи остануваат дома, не можат да најдат соодветна работа, а тоа го кочи целиот економски мотор. Губиме потенцијал, губиме креативност, а тие луѓе се нашата иднина“, предупредува тој.
И навистина, додека една генерација ги реди CV-то и мотивациските писма, друга паралелно реди документи за виза – за Германија, Австрија или Италија.
Оние што остануваат тука честопати се навикнуваат на потценета работа или на живот без амбиција.
Дали оваа генерација е изгубена? Некои ќе речат – не, тие се само заглавени во транзицијата, меѓу образовен систем кој произведува дипломи по шаблон и пазар на труд што не нуди доволно можности.
Но од друга страна, кога човек ќе слушне младо момче како раскажува дека по две години безуспешно барање работа сега разнесува роба со комбе за 25.000 денари месечно, не може а да не се праша: па добро, каде е тука правдата?
Професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вели:
„Ги учиме студентите за светот, а не сме во состојба да им понудиме иднина дома. Тоа е најголемата трагедија“.
Така и со младите дипломци – тие сега се некаде таму, меѓу надежта и разочараноста. Некои веќе се спакувани за нов почеток во туѓина, други чекаат некоја врата да се отвори, а трети тивко прифаќаат дека нивниот сон за професија ќе остане само белешка во дневникот од студентските години.
Б.З.М.



