Секој трет млад човек е сиромав, а секое второ семејство со три деца живее во сиромаштија. Состојбата со сиромаштијата никако да се подобри. Последните и најнови податгоци кои ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека 22,2 отсто од граѓаните на земјава живеат во сиромаштија. Сериозна е стапката на сиромаштија кај семејствата со две или повеќе деца, но и кај највозрасната категорија на граѓани – пензионерите.
Оваа анализа ја почнуваме со податокот кој вели дека стапката на сиромаштија е речиси идентична кога станува збор поделбата на мажи и жени. Односно 21,9 отсто од мажите се сиромашни, а кај жените од земјава сиромаштијата е на ниво од 22,5 отсто. Во однос на возраста, највисока сиромаштија има кај тинејџерите, односно кај младите луѓе, и таа изнесува 30 отсто, а повисока е кај женската популација. Кај возрасните граѓани сиромаштијата се движи до 20 отсто, и на исто ниво е и кај мажите и кај жените. Што се однесува до групата на пензионери, сиромаштијата е на ниво од 19 отсто, а податоците велат дека жените пензионерки се посиромашни од мажите.
„Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60% од медијалниот еквивалентен приход. Во 2023 година, стапката на сиромашни лица во Република Северна Македонија изнесуваше 22.2%. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2023 година е 17.8%. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8.4%, додека стапката на сиромашни пензионери е 11.3%. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 30.3%.“ стои во извештајот на ДЗС.
Најалармантна е состојбата кај семејствата со двајца родители и три или повеќе деца. Во очајна состојба таквите семејства или дури 50 отсто од нив живеат во сиромаштија. Со 45 отсто од граѓаните кои влегуваат во сиромаштија се самохраните родители, двајца возрасни лица кои живеат без деца имаат стапка на сиромаштија од 20 отсто. Двајца возрасни со едно дете, сиромаштија од 14 отсто. Самечки домаќинства под 65 години сиромаштија од 15 отсто.
Во однос на работниот статус, највисока сиромаштија е забележана кај невработените лица, односно секој втор невртаботен е под прагот на сиромаштија, додека кај вработените таа стапка изнесува осум отсто. Кај пензионерите пак 11,3 отсто.
И покрај мерките кои со години се носат од државата за намалување на сиромаштијата, експертите подолг период се загрижени што сиромаштијата во Македонија се префрла од колено на колено.
И.П.



