Пазарот на труд во Македонија се менува побрзо отколку што работодавачите очекуваа, а младите, кои се навикнати на поинаков ритам на живот и работа, сè потешко прифаќаат класични рамки од типот „осум до четири“.
За плата од 30.000 денари, која во реалноста едвај покрива трошоци за кирија и основна потрошувачка кошница, интересот е речиси никаков.
„Имаме сè повеќе примери на млади кои не сакаат да се врзат со фиксно работно време и стандардна канцелариска рутина. Тие бараат флексибилност, можност за работа од дома и услови што ќе им овозможат баланс со приватниот живот“, вели за нашата редакција трудов експерт кој инсистира да остане анонимен.
Тој додава дека концептот на стабилна плата без раст и без простор за личен развој повеќе не е доволен мотиватор.
Компаниите кои остануваат закочени во „старите правила“ веќе губат кадар.
Дел од младите се селат во странство, каде за истиот труд можат да добијат тројно повисока плата, други се префрлаат кон слободни професии или дигитални сервиси кои им носат помала сигурност, но повеќе слобода.
Еден млад ИТ-специјалист од Скопје искрено признава:
„Не сакам да бидам врзан во канцеларија по цел ден за плата со која не можам ни кредит да аплицирам. Подобро да работам проекти преку интернет и да имам време за себе“.
Работодавачите, пак, често реагираат со негодување, сметајќи дека младите се „разгалени“ и дека не сакаат да работат. Но, реалноста е дека глобалните трендови веќе навлегле и кај нас – работното време, условите и квалитетот на живот стануваат еднакво важни како и самиот износ на платата.
„Ако сакаме да задржиме млади луѓе во Македонија, ќе мора да размислуваме за воведување на хибридни модели, дополнителни бенефиции и програми за развој“, појаснува професор по економија од УКИМ.
Факт е дека 30.000 денари повеќе не се „сигурна плата“, туку компромис на кој ретко кој се одлучува. Со растечките цени на станбен простор, храна и енергенси, оваа бројка станува симбол на заостанување, а не на сигурност.
Работодавачите што ќе успеат да се прилагодат, ќе најдат кадар и ќе растат. Оние што ќе продолжат да нудат исто како пред десет години – ќе останат со празни работни места и ќе се чудат зошто…
Се наметнува едно прашање: дали навистина младите се мрзливи или едноставно повеќе не сакаат да живеат во систем што не им нуди перспектива? Одговорот, можеби, е веќе јасен.
Б.З.М.



