ПочетнаЕКОНОМИЈАКако да се зголеми продуктивноста, за работниците да добијат повисока плата!?

Како да се зголеми продуктивноста, за работниците да добијат повисока плата!?

Синдикатите, работодавачите и власта никако да се договорат за висината на платите кои треба да ги добиваат македонските работници. Од ССМ тврдат дека нема штета да претрпат домашните компании доколку се зголемат примањата на вработените, работодавачите велат платите во стопанството се на солидно ниво, проблемот е во администрацијата, а власта се прави како ништо да не гледа и ништо да не слуша.

Според најновото истражување на Сојузот на синдикатите на Македонија, може да се потврди дека зголемувањето на платите и зголемувањето на минималната плата не придонесува за затварање на компаниите и не ја уништува економијата, туку создава услови за развој и отворање на нови компании. Нивните податоци покажуваат спротивни тези и како што велат манипулации од газдите дека растот на платите предизвикува колапс на компаниите и губење на работни места. Синдикалците велат дека газдите ја лажат Владата и јавноста кога тврдат дека ќе се затворат фирмите ако се зголемат платите, а тоа според нив е заштоа што не им веруваат на ССМ кога јасно и гласно го зборуваше тоа. За податоците да бидат официјални и точни и сите да им веруваат, синдикалците во истражувањето користеле информации од  Централниот регистар.

„Во 2022 година, кога минималната плата (за потсетување, преку протести и штрајкови) ја зголемивме од 15.194 на 18.000 денари, имаше 7.062 новоосновани фирми, а избришани или затворени 5.694. Во 2023 година, со зголемување на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а избришаните се намалија на 3.372. Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имало 6.627 нови фирми, а само 2.891 затворени. Овие бројки јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата и ги побиваат ставовите на газдите и на одредени експерти кои беа прилично гласни на ова поле за да спречат раст на платите.“ велат од ССМ

Ова според ССМ е причина повеќе да не се сопре процесот за зголемување на платите, вклучително и зголемување на минималната плата. Според синдикалците ова е уште еден силен аргумент за континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати плати!

„Работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот, а Владата е должна да ја поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците. Преку јазикот на аргументите кој треба конечно да ги слушнат, упатуваме пораки и до газдите и до Владата: До газдите – доста е со лаги и манипулации, време е да престанете да одбивате да се зголеми минималната плата и да почнете да давате достоинствени плати на работниците. До Владата – да не подлегнува на притисоците, лагите и манипулациите од капиталот и од овие газди, туку конечно да застане зад работниците и да обезбеди зголемување на минималната плата и системски раст на платите за сите.“ велат од ССМ.

Но, бизнис секторот е со спротивни ставови. Од Сојузот на стопански комори сметаат дека проблемот со зголемувањето пред се на минималната плата лежи во администрацијата. Стопанствениците се уверени дека квалитетните работници во приватниот сектор земаат добри плати, а оние незадоволните си заминуваат. Од комората велат дека платите треба да растат заедно со продуктивноста, и додаваат дека минималецот од 500 евра како што бара ССМ, ќе создаде голем товар врз фирмите, бидеќи тоа зголемување ќе повлече и корекција на сите останати плати.

„Минималната плата прави притисок на сите останати плати во дадена компанија. Ако имате вие компанија со 10, 20, 50 вработени не значи дека само на лицата што имаат минимална плата само таа вредност ќе ја зголемите. Тоа значи дека ако има 10 со минимална плата, а вкупно во компанијата се 60 или 100 со други плати, тоа значи дека и останатите 100 вработени ќе треба да добијат соодветно зголемување на платата“ велат од ССК.

Од владата оставаат синдикатите и работодавачите сами да се договорат, но не и да излегуваат од законски утврдените суми. За разлика од приватниот сектор, каде властите решија да не се мешаат, на неколку пати тие ги зголемија платите во администрацијата но и пензиите на пензионерите.

И.П.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП