Наутро, со шолја кафе и со половина отворени очи, таа веќе скрола низ мобилниот, барајќи каде денес има „акција“.
И не е сама. Денес речиси секој втор граѓанин се буди со истата мисла – каде ќе „улови“ попуст, каде ќе го „искористи моментот“ пред да исчезне.
Од потреба до ритуал: „Ако не е на акција – не купувам“
Стана тоа некоја чудна нова дисциплина, како лов на трговски плен, само што местото на стрелите и мрежите го заземаат купоните и кодовите за попуст.
„Знам дека звучи смешно, ама одам само ако е на акција. Ако не е – не купувам“, вели 32-годишната Ивана, мајка на две деца од Скопје. „Порано влегував во маркет и купував што ми треба, сега одам само кога ќе видам дека има попуст. Дури и ако не ми треба баш тогаш – земам, зашто утре може да биде двојно поскапо“.
Таа искрено се насмевнува додека зборува, но во гласот има и нијанса резигнација, како да се брани од некоја вина што ја чувствува што мора да размислува на тој начин.
Овој феномен не е случаен. Психолозите веќе одамна предупредуваат дека перманентната изложеност на реклами со црвени ценовници и „само денес“ понуди, создава чувство на постојан недостиг и притисок да се реагира веднаш.
FOMO: Како трговците го користат нашиот страв од пропуштање
„Постои ефект наречен ‘страв од пропуштање’ – FOMO – кој трговците маестрално го користат“ објаснува Мирјана Велковска, експерт за дигитален маркетинг. „Кога некој ќе види дека нешто е на акција само денес, мозокот му вели: ако не го купиш сега, ќе изгубиш. И тоа станува ритуал, а не рационална одлука“.
Ситуацијата ја поттикнува и реалноста во која живееме – со постојан раст на цените и намалена куповна моќ, попустот стана не луксуз, туку услов за преживување.
На социјалните мрежи никнуваат групи каде се споделуваат дневни акции од супермаркети, аптеки, па дури и бензински пумпи.
Таму луѓето гордо објавуваат дека „уловиле“ пакет пелени по половина цена или дека наполниле фрижидер со намирници „за 600 денари“. Како ловци што се враќаат дома со трофеи.
Чувство на победа: Психолошката сатисфакција на „уловениот“ попуст
„Не се работи само за економија, туку и за чувство на победа“, вели социологот Љубица Маџовска. „Кога ќе најдат попуст, луѓето чувствуваат дека надмудриле некого – системот, инфлацијата, продавницата. Тоа им дава мала психолошка сатисфакција, нешто што во ова време на несигурност им е неопходно.“
И така ден по ден, акција по акција, купувањето престанува да биде потреба – станува игра.
Луѓето не купуваат кога нешто им треба, туку кога е поевтино. А кога ќе дојде момент навистина да им треба, често веќе го имаат дома, купено „оддамна, кога беше на акција“.
И никој веќе не прашува дали е тоа логично. Битно е дека било на попуст. И дека – барем за миг – почувствувале дека победиле.
Б.З.М.



