ПочетнаЕКОНОМИЈАСè повеќе градби, а сè помалку купувачи

Сè повеќе градби, а сè помалку купувачи

Бројот на продадени нови станови во земјава бележи пад во вториот квартал од годинава, и тоа во период кога традиционално интересот за недвижности расте со доаѓањето на пролетта.

Податоците на Агенцијата за катастар на недвижности откриваат дека од 1 април до 30 мај биле продадени 676 новоизградени станови од инвеститор – дури 178 помалку во споредба со првиот квартал.

Бројка што на прв поглед не изгледа драматично, ама во градежниот сектор веќе предизвикува воздишки.

„Ова е прв пат по неколку квартали да имаме пад во продажбата на нови станови. Пазарот сè уште не сигнализира криза, но дефинитивно влегуваме во поумерена фаза на побарувачка“, вели за нашиот медиум еден агент за недвижности од Скопје, кој сакаше да остане анонимен. „Гледаме дека клиентите повеќе прашуваат, повеќе споредуваат… ама поретко склучуваат договори. Можеби се изморени од постојаниот раст на цените“.

Во позадина, пак, се насобираат неколку бројки што отвораат повеќе прашања отколку одговори: во моментов се градат дури 25.354 станови, кои допрва ќе се појават на пазарот.

„Ако сите овие станови се појават наеднаш, а побарувачката продолжи да стагнира, можно е да видиме благо ладење на цените“, предупредуват експертите. „Не велам дека ќе има колапс – но веќе има сигнали дека растот на цените се забавува“.

Најактивна останува Општина Аеродром, каде што во вториот квартал биле продадени 164 станови – убедливо најмногу во цела држава.

Кога станува збор за куќи, води Битола со 60 склучени купопродажни договори.

Во Центар, пак, се скршила уште една ценовна бариера: таму бил продаден стан од 96 квадрати за вкупно 260.000 евра, што значи повеќе од 2.700 евра за квадрат.

„Тоа е речиси како цените во некои квартови во Загреб и во Софија“, вели експертот за недвижнини Марко Николов. „И тоа говори дека станбениот пазар во централното градско подрачје функционира по свои правила – таму побарувачката едноставно не спласнува“.

Паралелно со становите, во вториот квартал биле регистрирани и 150 продажби на гаражи, распослани низ повеќе општини, а најмногу деловни простории се продале токму во Центар – вкупно 28.

Според Катастарот, во Регистарот на цени и закупнини во истиот период се впишани 754 продажби од инвеститор: 676 станови, 71 куќа, пет гаражи и два деловни простора.

„Овие бројки изгледаат сувопарно, ама зад нив има реални приказни – млади луѓе што бараат прв дом, семејства што се обидуваат да се преселат во поголем стан, инвеститори што играат на долг рок“, вели Николов.

И додава: „Ако пазарот се засити, ќе дојде моментот кога ќе мора да се прават компромиси – и од страна на купувачите, и од страна на градежните компании“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП