На македонските туристи и натаму домашните туристички капацитети не им се приоритет каде би го поминале годишниот одмор. Официјалните податоци велет дека и ова лето во македонските одморалишта имало намален број на гости од земјава во однос на ланската летна сезона.
Најмногу туристи во Македонија во јули имало од Турција а во просек странските гости во земјава се задржувале од пет до седум дена. Експертите се со став дека странските дестинации се се подостапни за граѓаните од земјава, а туристичките центри од земјава ги посетуваат само за викенди. Ниту туристичките работници не се задоволни од сезоната и велат дека ланската била подобра.
Намалување на бројот на домашни туристи и намалување на бројот на ноќевања во домашните туристички капацитети регистрираа државните статистичари во јули годинава во однос на истиот месец лани. За разлика од домашните гости, странците бележат пораст и тоа за 15 отсто. Државниот завод за статистика објави дека најмногу туристи во анализираниот период во Македонија имало од Турција, па потоа од Србија, на трето место се гостите од Полска, а на четврто се туристите од Холандија.
„Од вкупниот број туристи во месец јули 2025 година, 42.1% се домашни, а 57.9% се странски. Бројот на ноќевањата во јули 2025 година изнесува 770.733, од кои 69.2% се од домашните туристи, а 30.8% од странските туристи. Во периодот јануари – јули 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 10.2%, односно кај домашните туристи има намалување за 0.1%, а кај странските има зголемување за 15.1%. Во периодот јануари – јули 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на ноќевањата е зголемен за 5.5% така што кај домашните туристи има намалување за 0.5%, а кај странските има зголемување за 11.5%.“ стои во извештајот на ДЗС.
Туристичките работници се на став дека годинава во Охрид, најмногу од домашните туристи биле средношколци или студенти, а тие според нив не се гости кои имаат добра куповна моќ.
„Оваа туристичка сезона е послаба од лани. Имаме промена на ноќевањата од држави, односно има пад на туристите од Холандија и од Полска, а на нивно место има Турци, кои се тука на кружни тури и остануваат на едно ноќевање. Поради тоа, има повеќе работа за хотелиерите, но, во секој случај, не се празни. Домашни гости има, но тие се сместуваат претежно во приватното сместување. Гостите од дијаспората, исто така, беа доста присутни оваа година. Оваа сезона почна нешто подоцна – од втората половина на јули, но за 2 Август сè беше полно.“ велат од Асоцијацијата на хотелиери на Македонија.
Експертите со години се на став дека во Македонија недостасуваат домашните туристи, пред се поради тоа што немаме море, а цените се речиси идентични како и да го имаме во туристичките центри кои се на охридскиот брег. Дополнително, тие се на став дека негативните кампањи во однос на услугата која ја даваат охридските туристички работници, имало големо влијание со години македонските туристи да ја заобиколуваат земјава кога станува збор одлуката за годишен одмор.
И.П.



