Прегорувањето не е слабост, туку последица, па токму затоа толку лесно се занемарува. Во општество каде што се слави постојаната продуктивност, луѓето научиле да го кријат својот замор како некаква срамна тајна.
Да се насмевнуваат механички и да велат „сè е во ред“, иако внатре тивко тоне нешто.
Еден лекар од скопска болница, кој веќе еднаш бил на работ да ја напушти професијата, ни рече:
„Прво престанав да спијам, па престанав да се смеам, а потоа престанав и да чувствувам нешто кога пациент ќе ми каже ’фала’. Тоа беше моментот кога сфатив дека не сум добро. Тешко е да признаеш дека не можеш повеќе — уште потешко е кога околината очекува од тебе да можеш секогаш“.
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои редовно земаат кратки паузи и користат годишен одмор имаат значително помал ризик од прегорување.
Но, во македонската работна култура одморот често се гледа како „луксуз“ наместо како право.
Дури и кога се зема, многумина се чувствуваат виновни што не се на работа.
Парадоксално, токму тоа чувство на вина е дел од циклусот кој ги турка луѓето уште подлабоко.
Социологот Љубица Маџовска нагласува:
„Ниту еден работен систем нема да ве спаси ако самите не одлучите да останете на страната на сопственото здравје. Ќе ве искористат додека можете и ќе ве заборават кога ќе се срушите“.
Некои компании веќе почнуваат да воведуваат програми за ментално здравје и флексибилно работно време, но тие сè уште се исклучок.
Во меѓувреме, секој поединец мора да најде свои „мали излези“ — секојдневни микропаузи, ритуали што враќаат чувство на контрола: кафе без телефон, тивко пешачење после работа, исклучување на нотификации по одреден час. На прв поглед изгледаат како ситници, но тие ситници често се последната барикада пред целосниот крах.
И тука лежи најтешкиот дел: да прифатиш дека не си машина, дека имаш граници, дека понекогаш треба да откажеш нешто — и дека тоа не те прави помалку вреден, туку жив.
Бидејќи, ако не си дадеш право да здивнеш, светот ќе ти го земе тоа право на посуров начин. А никој не заслужува да изгори само за да докаже дека може да свети.
Б.З.М.



