Во Македонија, зборот „финансии“ и натаму звучи некако оддалечено за голем дел од граѓаните, како нешто што се случува во некоја канцеларија со стаклени ѕидови, а не во нивниот паричник.
Иако секојдневно сите управуваме со пари – плаќаме сметки, земаме кредити, штедиме за одмор или се бориме да стигнеме до први следниот месец, многумина не знаат што точно значат каматните стапки, како функционира сложената камата, ниту пак како да проценат дали некоја инвестиција им се исплати.
„Луѓето често потпишуваат кредитни договори без да ги читаат“, вели финансискиот аналитичар Бојан Краљев. „Не сфаќаат дека фиксна камата од 5% и променлива камата од 3% не се исто — особено ако пазарот ’подивее’. А потоа доаѓаат кај нас со долгови кои не можат да ги сервисираат“.
Според податоците, само околу една третина од граѓаните имаат основно разбирање за финансиски поими како инфлација, девалвација или инвестиции.
Уште позагрижувачко е што речиси половина од нив немаат никакви заштеди, а дел од оние што штедат, ги чуваат парите дома — во кеш, под душек, буквално. Овој феномен, освен што ја намалува можноста за раст на економијата, создава и лажна сигурност.
Инвестициите, пак, за мнозинството се мистерија. Берзата им изгледа како некаква коцкарница со непознати правила, а инвестициските фондови звучат како измама.
„Секогаш кога ќе споменам дека вложувам во индексни фондови, ме гледаат како да сум рекол дека сум на Месечината“, се смее млад претприемач од Скопје. „А реално, не е ништо страшно — само треба малку да научиш, да не влегуваш со сите пари и да имаш трпение“.
Штедењето, иако се чини едноставно, често се сведува на остаток од платата — ако воопшто остане.
Многу семејства живеат „од плата до плата“ и не размислуваат за буџетирање, иако тоа би им помогнало да видат каде им бегаат парите. Психологот Сања Љубеновиќ објаснува дека тука се вклучува и емоционалната страна:
„Ние немаме култура на одложено задоволство. Ако имаме пари денес, сакаме веднаш да ги потрошиме за да почувствуваме дека живееме, а не да чекаме некоја иднина што можеби и нема да дојде“.
Решението, велат експертите, е рана и континуирана финансиска едукација.
Почнувајќи уште во основните училишта, преку практични часови каде што децата ќе учат како се прави семеен буџет, што значи кредит, што е камата и како функционира банкарскиот систем.
Во моментов, тие знаења речиси и не се споменуваат во образованието, а потоа се чудиме зошто младите влегуваат во долгови веднаш по првата плата.
Неколку невладини организации веќе организираат работилници и обуки за финансиска писменост, но нивниот опфат е мал и недоволен.
Државата, пак, повремено најавува стратегии и акциски планови — кои ретко кога се реализираат до крај.
До тогаш, просечниот граѓанин ќе продолжи да се снаоѓа како знае, да потпишува договори што не ги разбира и да верува дека штедењето е само за богатите.
А можеби не е. Можеби само треба некој конечно да му објасни… без да го исплаши.
Б.З.М.



