ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечната месечна нето плата исплатена во Хрватска 1.437 евра

Просечната месечна нето плата исплатена во Хрватска 1.437 евра

Просечната месечна нето плата исплатена по вработен во Хрватска изнесувала 1.437 евра во јули, што е номинално повисока за 9,3 проценти, а реално за пет проценти на годишно ниво, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика на Хрватска објавени во петокот. Во споредба со платата за јуни оваа година, просечната нето плата за јули беше номинално пониска за 0,5 проценти, а реално за 0,9 проценти.

Највисока просечна месечна исплатена нето плата е забележана во секторот за воздушен транспорт, во износ од 2.353 евра, а најниска во индустријата за облека, со 937 евра. Според извештајот на Државниот завод за статистика, медијалната нето плата за јули изнесувала 1.249 евра, што значи дека половина од вработените имале помалку, а половина повеќе од тој износ. Во споредба со јуни оваа година, медијалната плата во јули беше повисока за 1,3 проценти, а во споредба со јули минатата година, беше повисока за 10,5 проценти.

Просечната плата (месечна бруто) по вработен кај правни лица во јули оваа година изнесувала 2.000 евра, што е номинално пониско за 0,4 проценти, а реално пониско за 0,8 проценти во споредба со јуни.

На годишна основа, просечната бруто плата во Хрватска беше номинално повисока за 9,8 проценти, а реално за 5,5 проценти. Како и кај нето платите, највисока просечна месечна бруто плата во јули беше во воздухопловниот транспорт, со 3.436 евра, а најниска во производството на облека, со 1.232 евра. Во јули, во просек имало 182 платени часови, што е за 10,3 проценти повеќе отколку во јуни.

Најголем број платени часови имало во водниот транспорт (191), а најнизок во дејностите за социјална заштита без сместување (172). Просечната месечна нето часовна плата исплатена во јули оваа година изнесувала 7,72 евра, што е за 8,6 проценти пониско отколку во јуни, а за 9,2 проценти повеќе отколку во јули минатата година. За периодот од јануари до јули оваа година, просечната месечна нето плата исплатена по вработен изнесувала 1.432 евра, што е номинално за 10,2 проценти повеќе, а реално за 6,4 проценти повеќе во однос на истиот период во 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика на Хрватска.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП