Улогата на родител е една од најубавите во животот, но и една од најскапите. Иако Македонија традиционално важи за земја со пониски трошоци за живот во споредба со Европската Унија, растот на цените во изминатите години го зголеми притисокот врз семејниот буџет за воспитување на децата.
Според анализата на трошоците, родителите во Македонија издвојуваат и до 400 евра месечно за едно дете, што значи годишен трошок од околу 4.800 евра. Овие бројки покажуваат дека за многу семејства, обезбедувањето квалитетен живот за нивните деца е вистински финансиски предизвик.
Најголемиот месечен трошок за многу семејства е грижата за децата, особено во првите години. Додека државните градинки чинат околу 1.500 денари месечно, приватните градинки можат да бидат значително поскапи, со цени кои се движат од 10.000 до 30.000 денари, зависно од програмата и локацијата.
Образованието во училиште исто така носи со себе значајни трошоци. Родителите на деца во државни училишта месечно плаќаат околу 2.000 до 3.000 денари за исхрана. Од друга страна, приватните училишта се многу поскапа опција. Дополнително, годишните трошоци за учебници и училишен прибор се движат од 3.000 до 10.000 денари.
Воспитувањето на децата не е само за основните потреби. Голем дел од буџетот се троши на дополнителни активности кои се важни за нивниот развој. Спортските клубови, курсевите по музика или јазици чинат од 1.500 до 4.000 денари месечно по дете. Трошоците за екскурзии и училишни настани се исто така чести, со износи од 1.000 до 3.000 денари неколку пати годишно.
Не треба да се заборават ниту трошоците за облека и обувки. Со оглед на тоа колку брзо растат децата, родителите издвојуваат најмалку 10.000 до 20.000 денари годишно за сезонско менување на гардеробата, а во пракса, оваа сума често е и многу поголема.
Кога ќе се сумираат сите овие трошоци, станува јасно зошто родителите во Македонија се соочуваат со сериозни предизвици. Додека просечната плата во земјата изнесува околу 720 евра, основните месечни потреби за едно дете чинат минимум 200 до 300 евра, што е значителен дел од семејниот приход.
Оваа финансиска реалност го нагласува јазот помеѓу желбите на родителите да им обезбедат на своите деца сè што им е потребно и економската состојба со која се соочуваат. Во услови на постојан раст на цените, воспитувањето на децата во Македонија е убава, но и многу скапа мисија.
С.Б.



