Откако неодамна „Денар“ објави анализа за тоа дека за четиричлено семејство во Скопје се потребни речиси 2.000 евра месечно за да се покријат основните трошоци, во јавноста одекнаа бројни реакции. Граѓаните сведочат дека реалноста е уште потешка од статистиката, бидејќи секојдневно се соочуваат со раст на цените на храната, комуналиите и кириите.
Економистите предупредуваат дека проблемот не е само во растот на трошоците, туку во фактот што платите во Македонија заостануваат далеку зад регионалниот просек. Просечната нето-плата кај нас изнесува околу 720 евра, додека во соседна Бугарија е над 1.000 евра, а во Србија околу 840 евра.
„Тоа што најмногу го чувствуваат граѓаните е јазот меѓу приходите и трошоците. Повеќе не се работи за тоа дали можеме да заштедиме, туку дали можеме да преживееме со еден месечен буџет“, вели независниот банкарски советник, Бранко Стојкоски.
Според него, граѓаните треба да бидат внимателни со задолжувањето, односно да направат ревизија на сите кредити и доколку имаат високи камати, да размислат за репрограмирање, да се ориентираат кон фиксни каматни стапки за кредитите, бидејќи периодот на неизвесност може да трае подолго, како и да водат детална евиденција на трошоците и да го намалат потрошувачкиот кредит, кој е реално најскап.
Од институциите, пак, се очекува посериозен одговор. Експертите предлагаат засилување на контролата на цените на основните производи, поддршка за младите семејства кои живеат под кирија и постепено усогласување на минималната и просечната плата со реалните трошоци.
Факт е дека Скопје веќе не е „најевтиниот град“ во регионот, а животниот стандард станува централна тема за секое домаќинство. Прашањето кое останува отворено е дали платите ќе успеат да го стигнат растот на цените, или граѓаните ќе продолжат да живеат во вечна трка со трошоците?
С.А.



