ПочетнаЕКОНОМИЈАБанкарските провизии под лупа: Дали следува нов бран на конкуренција меѓу банките?

Банкарските провизии под лупа: Дали следува нов бран на конкуренција меѓу банките?

По неодамнешното намалување на надоместоците за плаќања преку интербанкарскиот платен систем (МИПС), јавноста сè повеќе го отвора прашањето – дали ова е почеток на еден тренд на поевтинување на банкарските услуги во Македонија?

„Со намалувањето на провизиите се отвора пат за поголема транспарентност и конкуренција меѓу банките. Клиентите ќе станат уште почувствителни на цената на секоја услуга, а тоа ќе ги натера банките да бидат покреативни и поефикасни,“ објаснува независниот банкарски советник Бранко Стојкоски.

Според него, овој процес може да резултира со нови дигитални производи, пакет-услуги и фокус на лојалноста на клиентите.

Компаниите со голем број трансакции веќе пресметуваат заштеди од илјадници евра годишно. „Ова значи повеќе средства за инвестиции, плати или развој. Малите и средни претпријатија ќе бидат најголеми добитници,“ нагласува Стојкоски.

За граѓаните, пак, директната корист е намалување на трошоците за секојдневни плаќања. Дополнителниот ефект е стимулирање на дигитализацијата и откажување од готовината, односно тренд кој носи повеќе безбедност и практичност.

Финансиските аналитичари предупредуваат дека ова е само прв чекор. Доколку регулаторот продолжи со вакви потези, во следниот период може да се очекува и намалување на трошоците за кредити, картички и останати банкарски производи.

„Важно е граѓаните и компаниите да ја искористат новата ситуација, да ги споредуваат понудите, да преговараат со банките и да бараат пофер услови. Само така конкуренцијата ќе има вистински ефект,“ заклучува Стојкоски.

С.А.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП