По неодамнешното намалување на надоместоците за плаќања преку интербанкарскиот платен систем (МИПС), јавноста сè повеќе го отвора прашањето – дали ова е почеток на еден тренд на поевтинување на банкарските услуги во Македонија?
„Со намалувањето на провизиите се отвора пат за поголема транспарентност и конкуренција меѓу банките. Клиентите ќе станат уште почувствителни на цената на секоја услуга, а тоа ќе ги натера банките да бидат покреативни и поефикасни,“ објаснува независниот банкарски советник Бранко Стојкоски.
Според него, овој процес може да резултира со нови дигитални производи, пакет-услуги и фокус на лојалноста на клиентите.
Компаниите со голем број трансакции веќе пресметуваат заштеди од илјадници евра годишно. „Ова значи повеќе средства за инвестиции, плати или развој. Малите и средни претпријатија ќе бидат најголеми добитници,“ нагласува Стојкоски.
За граѓаните, пак, директната корист е намалување на трошоците за секојдневни плаќања. Дополнителниот ефект е стимулирање на дигитализацијата и откажување од готовината, односно тренд кој носи повеќе безбедност и практичност.
Финансиските аналитичари предупредуваат дека ова е само прв чекор. Доколку регулаторот продолжи со вакви потези, во следниот период може да се очекува и намалување на трошоците за кредити, картички и останати банкарски производи.
„Важно е граѓаните и компаниите да ја искористат новата ситуација, да ги споредуваат понудите, да преговараат со банките и да бараат пофер услови. Само така конкуренцијата ќе има вистински ефект,“ заклучува Стојкоски.
С.А.



