ПочетнаЕКОНОМИЈАКој им посакува зло на земјоделците?

Кој им посакува зло на земјоделците?

Цените на зеленчукот и на овошјето одат нагоре како балони надувани со хелиум, а земјоделците, оние што ја копаат и ја носат таа храна до пазарите, тонат во долгови и неизвесност.

Државниот завод за статистика бележи: влезните трошоци за земјоделско производство во август се зголемиле за 2,3 отсто во однос на истиот месец лани, додека крајната цена, онаа што ја плаќа обичниот купувач, скокнала за повеќе од 12 проценти.

Парадоксот е толку брутален што изгледа како лоша шега: од секој денар на каса, едвај неколку трошки стигнуваат до рацете на производителот.

Во последната година, компирот поскапел речиси 80 отсто, овошјето и грозјето за повеќе од 30 — а на тезгите, во градската врева, никој не се осмелува ни да праша зошто.

Од Националната земјоделска мрежа го вперија прстот токму во трговците, обвинувајќи дека со енормни маржи ја гушат домашната продукција.

„Килограм ајварка не чини повеќе од 20, 25, максимум 30 денари да ја произведеш. А на пазар е 70–80. По овие цени ние сме на граница на ликвидност, за жал. Додека трговците одат со зголемени маржи од 100 па и до 200%“, брифираат оттаму.

Македонија, велат тие, одамна не е земјоделска земја, туку се претвори во увозно зависна држава што сопственото производство го користи како симболика, а не како реална економска сила.

Само 20 отсто од потребите се задоволуваат со домашно производство, а остатокот — од домати до лубеници — пристигнува од странство, често и по пониски цени од домашните.

„Законот го штити крупниот капитал, а не нас“, предупредуваат земјоделците, барајќи владата конечно да се вмеша: со намалување на давачките при увоз на репроматеријали, како семиња, ѓубрива и пестициди, и со промена на постојниот закон за земјоделство што, како што велат, одамна им свртел грб на малите производители.

„За да се зголеми домашното производство и да се намалат цените, потребен е гарантиран откуп и загарантирани цени“, нагласуваат производителите.

И токму тука лежи уште еден слој од кризата: младите бегаат од земјоделството како од зараза. Малата заработувачка е само дел од причината.

Во многу рурални средини нема ни пристоен пат, ни вода, ни канализација, а за интернет едвај се слушнало.

„Како да ги задржиш? Со што? Со кал и со долгови?“ — прашува еден од постарите земјоделци на пазарот во Струмица, додека продава домати за кои вели дека му излегле поскапи отколку што ќе ги наплати.

Земјата што некогаш извезуваше храна, сега увезува и надеж. И ако институциите не вложат сериозни пари и вистинска волја во оваа гранка — не козметика, туку коренити, крупни инвестиции — полека ќе останеме со празни ниви и полни кеси од туѓи полиња. А тогаш… ни пиперката нема да биде наша.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП