ПочетнаЕКОНОМИЈАПостои ли во Македонија фискална (не)дисциплина?!

Постои ли во Македонија фискална (не)дисциплина?!

Институтот за економски и политички анализи Finance Think под лупа ги стави доспеаните обврски на јавниот сектор. Заклучно со јуни 2025 година, доспеаните неплатени обврски на јавниот сектор изнесуваат 690,8 милиони евра, или околу 4.2% од БДП. Во периодот од 2019 до првата половина на 2025 година, доспеаните неплатени обврски се зголемиле за два и пол пати.

Истовремено, од Институтот велат дека забележливо е намалување на бројот на институции кои не ги пријавуваат своите обврски. Од вкупно 1,397 субјекти обврзани за известување, во 2019 година околу 25% не доставиле податоци за доспеаните и недоспеаните обврски, додека во 2025 година тој процент е намален на 8.6%. Согласно Законот за пријавување и евиденција на обврски, јавните претпријатија и државните трговски друштва се обврзани секој месец да ги пријавуваат доспеаните, но неплатени, како и недоспеаните обврски во Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски кој го администрира Министерството за финансии.

„Заклучно со јуни 2025 година, вкупните доспеани обврски на јавниот сектор изнесуваат 690,8 милиони евра или 4.2% од БДП. Проекциите до 2030 година укажуваат дека доколку сегашниот тренд продолжи, јавниот долг со вкалкулирани доспеани неизмирени обврски би можел да достигне 62.7% од БДП, што ја нагласува потребата од структурни мерки за зајакнување на финансиската дисциплина и подобрување на управувањето со јавните претпријатија. Истовремено, растот на доспеаните обврски укажува на потенцијален „морален хазард“, бидејќи централната власт често интервенира за нивно сервисирање, што ја поткопува долгорочната фискална дисциплина и создава очекување дека идните обврски ќе бидат покриени од други нивоа на власт“, се наведува во анализата на ФТ.

Врз основа на овие податоци, Министерството, на квартално ниво, подготвува и објавува сумарни извештаи. Последните извештаи на Европската комисија ја истакнуваат потребата од примена на Европскиот систем на сметки од 2010 година со што доспеаните и неизмирени обврски би биле вклучени во пресметката на јавниот долг и буџетскиот дефицит. Оттука, доколку на јавниот долг заклучно со јуни 2025 година се додадат и доспеаните, неизмирени обврски на јавните институции, тој би достигнал приближно 62.7% од БДП, односно за 4.2 процентни поени поголем од неговото ниво кое не ги зема предвид овие обврски, се наведува во анализата. Истовремено, за да се овозможи реално искажување на достасаните неизмирени обврски, Фискалниот совет укажува на потребата од примена на Меѓународните сметководствени стандарди за јавен сектор, со што се предлага промена на сметководствената основа од модифицирана готовинска кон пресметковна.

Најголеми обврски според ФТ се забележуваат кај јавните претпријатија во сопственост на државата, со учество од 53%, по што следат локалните претпријатија основани од општините односно 16%, јавните здравствени установи учествуваат со 10% и општините со 9%. Сепак експеретите велат дека не е целосно јасно дали зголемувањето на обврските се должи на зголемување на доспеаните неплатени обврски или пак на подобрено и покомплетно пријавување на обврските во Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски.

„Заклучно со јуни 2025 година, субјектите со најголеми доспеани неизмирени обврски се: Номагас, АД Скопје, АД МЖ „Транспорт“ – Скопје, ЈП „Македонски Железници – Инфраструктура“ – Скопје, АД ЕСМ, ЈП од областа на здравството за потребите на јавни здравствени установи, универзитетски клиники, заводи и ургентен центар, ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и ЈП Водовод и канализација – Скопје. Зголемувањето на доспеаните обврски укажува на неефикасности во управувањето со јавните претпријатија и ја нагласува потребата од воведување пазарни механизми за поефикасно корпоративно управување. Ваквите механизми можат да вклучуваат воспоставување јасни критериуми и одговорности за постигнување финансиски и оперативни резултати, воведување систем на бонуси за успешно управување, како и редовно мониторирање и оценување на работењето на менаџментот“, стои во анализата на ФТ.

Најголемиот дел од доспеаните неплатени обврски се однесуваат на буџетската категорија стоки и услуги или 53%. Во рамки на оваа група најзастапени се обврските за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, како и за материјали и ситен инвентар и договорни услуги. За време на енергетската криза, јавните институции и општините се соочија со зголемени трошоци за снабдување со електрична енергија, што најверојатно придонесе за растот на доспеаните обврски за комунални услуги од 2021 година.

Втора по големина категорија на доспеани обврски е отплатата на главнина или 21%. Во рамките на оваа категорија, доминираат обврските кон други нивоа на власт, додека обврските кон нерезидентни кредитори учествуваат со релативно помал удел. Овој сооднос според ФТ произлегува од плаќањата по основ на издадени гаранции од страна на Министерството за финансии за задолжувањето на јавните претпријатија и единиците на локалната самоуправа. Во случаи кога овие долгови не се сервисираат навремено, институциите и јавните претпријатија вршат рефундација на средствата кон Министерството за финансии, со што се намалува нивната директна изложеност кон нерезидентни кредитори.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП