ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто македонските камионџии бегаат во странство – бројките говорат сами за себе

Зошто македонските камионџии бегаат во странство – бројките говорат сами за себе

Возачите на камиони одамна не се гледаат само како луѓе што седат зад волан и вртејќи ја Европа полека заработуваат плата, туку тие се една од клучните алки во европската економија, и тоа по цена што неретко ги чини и нивното здравје и семеен живот.

Но бројките раскажуваат нешто друго, студено и конкретно: во Велика Британија просечната бруто плата за возачи на камиони достигнува 3.930 евра месечно.

Германија стои веднаш зад нив со 3.357 евра, Полска со 2.814, Шпанија со 2.450, а Франција едвај со 1.850 евра.

На крајот од листата – Унгарија, со само 1.039 евра бруто, каде што возачите буквално го влечат целиот товар на грбот, а дома носат околу 690 евра нето.

„Ние возиме и по 12 часа на ден, а платата ни е речиси еднаква со минималната“, раскажува Филип Лазаревски, скопјанец кој последниве 5 години вози камион низ Франција.

Таму, просечната нето плата за возачите е околу 1.420 евра — речиси идентична со законскиот минимум и далеку под националниот просек.

„Затоа Французите не сакаат веќе да возат, и шефовите вработуваат луѓе од Источна Европа“, додава тој, велејќи дека голем дел од колегите му се Романци и Полјаци.

Во Шпанија, пак, платата силно зависи од искуството — почетниците земаат едвај нешто над минималецот, а старите волци стигнуваат до 2.040 евра.

А во Унгарија, условите се најсурови. Возачите таму работат под огромен притисок, а официјалната плата од 690 евра не им стигнува ни за кирија. „Само надоместоците за километража прават да не биде целосна беда“, признава еден од нив на форум за возачи. Иако на хартија имаат бруто плата од околу 1.000 евра, реалноста е дека живеат на раб.

Романските возачи, со просечни 1.078 евра месечно, се малку над регионалниот просек, но и таму далеку под националниот. Затоа и не е чудно што илјадници од нив се веќе во Германија, Холандија и Скандинавија — каде што условите се подобри, а патот до плата од 3.000 евра е пократок.

И сега, кога ќе ја ставиме Македонија во оваа слика, контрастот станува болен.

Просечната нето плата на македонските камионџии ретко надминува 600–700 евра, а најголемиот дел од нив работат по 10–12 часа дневно, често без платен одмор и со задоцнети исплати.

„Возиме и спиеме по паркинзи, а дома доаѓаме по две недели. И за тоа добиваме плата како во маркет“, вели Љупчо од Велес, кој вози кон Словачка и назад веќе осум години. Според податоците од синдикатите, над 10.000 македонски возачи последниве години ја напуштиле земјата барајќи подобри услови.

И навистина, како да ги задржиш луѓето што буквално ја движат економијата, ако дома земаат едвај доволно да преживеат, а на само неколку стотици километри подалеку платите се петпати повисоки?

Одговорот, очигледно, одамна не е зад воланот.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП