На хартија сè блеска — владините брошури зборуваат за „невиден градежен подем“, статистиките цртаат графици како ракети, а крановите го бодат небото над градовите.
Но таму долу, каде што прашината влегува под нокти, а времето се мери по звуците на чекани и брусилки, вистината изгледа поинаку.
Работниците висат на скелиња од зори до мрак, со заштитни шлемови што одамна ја изгубиле бојата, со грбови свиткани под тежината на арматурата…
„Ем не можат да најдат работници, ем не сакаат да плаќаат“, шепоти еден од нив, на кратка пауза од три минути, држејќи во раката цигара како да е последното нешто што му дава малку мир.
Денот им почнува пред изгрејсонце — со термос полн црно кафе и сендвич завиткан во салфетка. Во 6 часот се веќе на градилиштето. Прво ги местат скелињата, носат вреќи со цемент тешки како проклетство, ја мешаат малтерската маса што им ја јаде кожата на рацете. Потоа се искачуваат на височините каде дува студен ветар, или пече сонце што го пржи мозокот.
Работат без престан, со пауза од десетина минути ако има среќа да нема газда во близина.
Во 3 часот попладне рацете им се вкочанети, грбот ги боли, а денот не е ни при крај. Често завршуваат дури кога веќе паѓа мрак и градот пали светилки.
Повеќе од 12.000 македонски градежници ја напуштиле земјава во последните години — егзодус што ја остава индустријата како празен костур.
А оние што останале, велат синдикалците, работат за минимум плата на сметка и за кеш на рака — без стаж, без боледување, без здравствено или пензиско осигурување.
„Гледаме како фирмите прават милионски профити, а нашите луѓе добиваат плико со неколку илјади денари, како да им прават услуга што воопшто ги држат“, велат синдикалците.
Според податоците, 17,1 отсто од сите вработени во градежниот сектор во земјава воопшто не се регистрирани — секој шести работник работи во сенка. Без никакви права, без документи, без иднина.
„Неформалната вработеност е како рак што полека го јаде системот — сите гледаат, ама никој не реагира, затоа што така им одговара“, додава синдикалецот и замолчува, како да пребројува во глава колкумина од неговите другари веќе се во Германија, Австрија или во Словенија.
А таму, сè изгледа поинаку. Во Германија, градежниците имаат законски загарантирана минимална плата од 13,50 евра на час, а колективните договори им обезбедуваат дополнителни бонуси, плати за празници и платено боледување.
Во Австрија просечната бруто плата на градежен работник е околу 2.800 евра месечно, а секој работник автоматски е пријавен и добива годишен одмор од најмалку пет недели.
Дури и во Словенија, која многумина ја гледаат како „поблиска и полесна“ алтернатива, минималната нето плата на градежник е над 1.200 евра, а Инспекторатот за труд редовно врши изненадни контроли на градилиштата и затвора фирми што работат на црно.
Типичен ден таму почнува во 7 часот наутро, но прво сите се собираат во топла барака, пиењето кафе или чај е правило, не привилегија.
Секој има нова заштитна опрема и облека, фирмата ја обезбедува. Работат 8 часа, со две платени паузи — едната од 30 минути за ручек, другата од 15 минути за одмор. Нема носење вреќи од 50 килограми — за тоа има механизација. Температурата се следи, па ако се качи над 35°C, се прекинува работата и се продолжува наредниот ден. Во три попладне се веќе дома, а платата легнува на ист датум секој месец, без изговори.
„Таму ако паднеш од скеле, добиваш обештетување, а тука — само тишина и ново лице на твоето место следниот ден“, вели еден работник од Ѓорче Петров кој неодамна се вратил од Љубљана. „Не ми беше лесно, ама барем знаев дека сум човек, не бројка“.
„Во Германија носев исти чизми цела година — не се скинаа, фирмата ги купи. Овде секој месец сами си купуваме, а газдите ни велат да не се жалиме“, додава друг, кој веќе размислува повторно да си замине.
„Тука немаш време ни да се разболиш. Ако не дојдеш на работа еден ден, те заменуваат. Таму, барем, ако се разболиш, ќе ти исплатат боледување и ќе те чекаат“, раскажува уште еден, кој веќе три години работи на скелиња во Австрија.
И бројките се немилосрдни: просечно еден македонски работник завршува околу 5 до 6 квадратни метри ѕидање дневно, додека во Германија, благодарение на механизацијата и условите, просекот е двојно повисок — 11 до 12 квадратни метри на ден.
Во Австрија е уште повеќе: цели тимови завршуваат по 60 до 70 квадратни метри дневно, со тројца луѓе, додека тука истата површина често ја работат петмина цела недела. Продуктивноста таму расте, телата овде се трошат.
„Ова не е само човечки проблем, туку и економски,“ коментира економистот Ведран Кузмановски.
„Кога трудот е евтин, а неформален, фирмите немаат мотив да инвестираат во опрема и технологии. Тоа значи дека продуктивноста останува ниска, а со тоа и конкурентноста на целиот сектор. Ние со години се чудиме зошто квадратот ни е скап, а вистината е дека го градиме со премалку луѓе, премногу бавно и со премногу импровизација“.
Во меѓувреме, во Македонија квадратот на нов стан скокна до небо. Иронијата е што додека купувачите се борат со банки и камати, оние што ги градат тие станови се борат со жештината, со студот и со мислата дека можеби утре нема да ги викнат на работа.
Или ќе ги викнат, ама ќе им кажат дека пликото ќе дојде „кога ќе се исплати објектот“. Некои молчат и трпат, други едноставно си заминуваат. Нема кој да остане да се кара.
И така, на хартија Македонија можеби изгледа како огромно градилиште. Но зад секој нов ѕид, зад секоја свежа фасада, стојат луѓе што се невидливи за системот.
Се движат по раб, без сигурносна мрежа, додека некој таму горе во канцеларија се фали со „рекорди“. А тие рекорди се градат на грбови што веќе не чувствуваат тежина — од навика.
И од надеж дека можеби, еден ден, некој ќе ги погледне и нив, а не само зградите што ги оставаат зад себе.
Б.З.М.



