Европската Унија (ЕУ) се движи премногу бавно во своите напори за зголемување на економската конкурентност, при што регионот „не успева да се прилагоди на темпото“ на променливиот глобален поредок, изјави поранешниот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги.
Една година по презентирањето на извештајот во кој се наведува како блокот од 27 земји може да ја искористи својата економска моќ за да стане поконкурентен и попросперитетен, Драги рече дека Европејците се „разочарани“ од темпото на промените во фрагментираниот регион. Граѓаните гледаат дека ЕУ не успева да ги одржи своите глобални конкуренти, рече тој.
„Премногу често се наоѓаат изговори за оваа бавност. Различен пат бара нова брзина, обем и интензитет“, рече Драги, повикувајќи ги земјите од ЕУ да дејствуваат заедно.
Драги, кој беше и премиер на Италија, понуди детален план за зајакнување на глобалната позиција на ЕУ во услови на распаѓање на трансатлантските врски, подемот на Кина како суперсила и војната на Русија во Украина.
Тој потсети на многу од своите предлози за енергијата и технологијата, предупредувајќи против строгата регулатива во области како што е вештачката интелигенција. Во исто време, тој ги бранеше повиците во некои земји-членки за заеднички долг.
„Заедничкото издавање нема магично да го прошири фискалниот простор. Но, тоа ќе ѝ овозможи на Европа да финансира поголеми проекти во области што ја зголемуваат продуктивноста – револуционерни иновации, технологии од голем обем, истражување и развој во одбраната или енергетски мрежи – каде што фрагментираните национални трошоци повеќе не можат да ги исполнат очекувањата“, посочи Драги.
Пред една година, Драги упати итен апел да се усвојат низа препораки и да се извлече блокот од неговата „бавна агонија“ попречена од внатрешните бариери на пазарите на енергија и телекомуникации, финансиските услуги или одбранбената индустрија.
За да ги стигне САД и Кина, најголемите трговски партнери и економски конкуренти на ЕУ, тој рече дека на Европа ѝ се потребни дополнителни 800 милијарди евра инвестиции годишно.
Брза постапка
Драги, исто така, повика на нов пристап кон координирањето на државната помош во ЕУ.
„Во пракса, државната помош често делува како протекционизам – таа ја ограничува активноста во рамките на границите, наместо да гради европски индустрии кои се глобално конкурентни“, рече тој, додавајќи дека Европа мора да биде во можност да ја поддржи конкуренцијата, а воедно да продолжи да ги охрабрува иновациите и консолидацијата.
Драги повика на „брза“ постапка за преглед на правилата за конкуренција. Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лајен, која се обрати на брифингот, рече дека Комисијата ќе го забрза објавувањето на упатствата за спојувања, кои првично се очекуваа до 2027-ма година.
„Бариерите во рамките на единствениот пазар на ЕУ се еквивалентни на царина од 45% за стоки и 110% за услуги“, рече Фон дер Лајен, повикувајќи се на Меѓународниот монетарен фонд.
Додека Комисијата се справува со промените во безбедносните и трговските политики на американскиот претседател Доналд Трамп, Драги рече дека носителите на одлуки мора да усвојат „амбициозни“ рокови и конкретни резултати. Критичарите ја обвинија комисијата на Фон дер Лајен дека презентирала малку законски предлози, и покрај тоа што ја поддржува целокупната визија за промени во извештајот.
„Треба да се движиме подалеку од заедничките стратегии и доцнењето со роковите“, рече Драги во коментарите по Фон дер Лајен.
Според студијата на тинк-тенкот „EPIC“, само околу 11% од 383-те препораки, или 43 мерки, предложени во извештајот на Драги се целосно имплементирани, а околу 20% се делумно имплементирани.
„Deutsche Bank“ во извештајот оцени дека напредокот е мешан, со поголем моментум во проширувањето на одбранбената индустрија со оглед на чувството на итност во европските престолнини поради војната во Украина и слабеењето на посветеноста на САД кон безбедноста во регионот.
ЕУ се обиде да ги олесни фискалните правила за воените трошоци на владите на ЕУ, а истовремено да ја намали бирократијата со иницијативи во области како што се правилата за животна средина и безбедноста.
„Но, напредокот во затворањето на иновацискиот јаз со глобалните конкуренти и отстранувањето на националните бариери на пазарите на капитал е постепен“, соопшти „Deutsche Bank“.
Од своја страна, Фон дер Лајен ги повика Европскиот парламент и земјите-членки да дејствуваат, истакнувајќи дека го поддржале извештајот на Драги.
„Би сакала да видам исто чувство на итност во нашата агенда за конкурентност“, рече таа, наведувајќи ги плановите на Комисијата од почетокот на нејзиниот втор мандат во декември во областите индустрија, вештачка интелигенција, државна помош, енергија и иновации.
„Ни треба итна акција за да ги задоволиме итните потреби“, додаде Фон дер Лајен.



