Кога градот Велес се разбуди со веста за двојното убиство и самоубиство, одеднаш настана тишина во воздухот. Се зборуваше со потивок глас од вообичаено, како сите да се обидуваа да ја проголтаат ужасната мисла дека вакви нешта се случуваат „тука“.
Девојката, со месеци пред тоа пријавувала закани, малтретирање, молела за заштита. Институциите, се чини, слушале, но не ја чуле. И токму во таа пукнатина меѓу формуларите и реалниот живот, се случи трагедијата.
Македонија формално има систем за заштита на жртви од семејно насилство: центри за социјална работа, кризен центар, линија за помош, закони што звучат строго на хартија.
Но во пракса, жените честопати остануваат заробени меѓу бирократските лавиринти и празни ветувања.
„Ни требаат не само закони, туку и луѓе што ќе ги применуваат со срце, не како да пополнуваат уште една табела“, вели психологот Сања Љубеновиќ.
Таа објаснува дека најчеста грешка е што институциите реагираат дури откако веќе има физичко насилство, иако сигналите почесто се психолошки и суптилни – но сепак смртоносно реални.
Според податоците, само лани биле евидентирани над 2.000 случаи на семејно насилство, а невладините организации предупредуваат дека вистинската бројка е далеку поголема — жените молчат од страв, срам или едноставно затоа што не веруваат дека ќе добијат заштита.
„Има жени што доаѓаат кај нас по пет-шест пати и секогаш се враќаат дома, бидејќи нема каде да одат. И потоа, еден ден — ќе ги донесат во ковчег“, вели активистот Слободан Витомиров.
Има и правници што отворено признаваат: судските процеси се бавни, а мерките за заштита често стигнуваат предоцна.
Забраната за приближување, на пример, може да биде издадена дури неколку дена по пријавата — денови што за жртвата се како да седи на буре барут.
„Насилниците знаат дека системот е бавен. И тоа им дава храброст“, објаснуваат адвокатите.
Се наметнува прашањето што сите го шепотат — дали жртвите навистина имаат каде да побараат помош или само им кажуваме дека имаат?
Дали безбедноста им е вистинска или е илузија, една празна реченица на крајот од некој документ?
Во Велес, одговорот веќе е напишан со крв. И додека градот тивко ја враќа секојдневноста, останува оној горчлив вкус на вина — дека можеби, само можеби, можело да се спречи.
Б.З.М.



