Следниот пакет санкции против Русија, 19-ти по ред од почетокот на војната во Украина, не се очекува да биде објавен во среда, изјавија дипломат од ЕУ и еден национален функционер. Темата беше отстранета од агендата на состанокот на европските амбасадори во Брисел, додека притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп и самата ЕУ расте врз Словачка и Унгарија да ја намалат својата зависност од руската нафта.
Оваа информација беше пренесена до главните градови на ЕУ во понеделник попладне, без детали за тоа кога ќе бидат воведени санкциите. Портпаролот на Европската комисија одби да коментира. Во меѓувреме, министрите за енергија на ЕУ се состануваат во вторник за да разговараат за најновите измени во предлогот на Брисел за забрана на рускиот гас, во обид да се забрза договорот, според Политико.
Во јули, Комисијата презентираше амбициозен законски предлог со кој целосно ќе се стави крај на зависноста на ЕУ од руските енергенси до 2027 година. Во текот на викендот, Трамп побара од сојузниците во НАТО да престанат да увезуваат руска нафта, откако неговиот претставник за енергија Крис Рајт ја повика ЕУ да го забрза планираниот рок.
Барањата на Трамп вршат дополнителен притисок врз Унгарија и Словачка да ја намалат својата зависност од Москва. Сепак, според неименувани европски дипломати, Унијата веројатно нема да го помести рокот порано од 2027 година, ниту ќе додаде формална забрана за нафта на предлогот.
Второто барање на Трамп до Европа, за воведување тарифи од 50 до 100 проценти за стоки од Кина, беше оценето како „заборавете го тоа“, велат изворите. Сега тој се обидува да ги убеди европските земји да купуваат повеќе американска нафта и гас, додека американската индустрија отпушта илјадници работници поради падот на цените на нафтата.



