ПочетнаЕКОНОМИЈАНамалувањето на банкарските провизии ќе ја забрза дигитализацијата и ќе донесе заштеда...

Намалувањето на банкарските провизии ќе ја забрза дигитализацијата и ќе донесе заштеда за домаќинствата и компаниите

Намалувањето на надоместоците за плаќања преку интербанкарскиот платен систем (МИПС) кое стапи на сила неодамна, веќе предизвикува реакции кај деловната заедница и граѓаните.

Со оваа промена, компаниите што секојдневно извршуваат голем број трансакции ќе добијат директно олеснување на трошоците. „За фирмите тоа значи реално поевтинување на работењето – секоја заштеда на банкарски провизии се претвора во дополнителен простор за инвестиции или конкурентност,“ вели независниот банкарски советник, Бранко Стојкоски во гостувањето во Блумберг Адриа.

Граѓаните, пак, индиректно ќе почувствуваат придобивки преку намалени трошоци за електронски и мобилни плаќања. „Ова е чекор што ќе ја забрза транзицијата кон дигитални трансакции и ќе ја намали зависноста од готовина, што на долг рок значи и побрзи, поевтини и посигурни услуги за клиентите,“ додава Бранко.

Во услови на засилена инфлација и задржана референтна каматна стапка, отворањето на прашањето за кредитирањето станува уште поактуелно. „Сега е вистински момент граѓаните и компаниите да направат анализа на своите обврски и, доколку имаат кредити со неповолни услови, да размислат за репрограмирање или премин на фиксни каматни стапки. Тоа е најсигурен начин да се намали ризикот во следниот период,“ вели тој.

Според финансиските аналитичари, намалувањето на надоместоците преку МИПС е повеќе од техничка мерка. Тоа е сигнал за поттикнување на конкуренцијата меѓу банките и создавање простор за поевтини и поефикасни услуги за сите учесници во економијата.

С.А.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП