Симболични суми на инвестиции во заштитата на животната средина има Македонија во однос на тоа во какви услови се одвива животот на овие простори.
Државниот завод за статистика објави податоци за потрошените пари во земјава кои се наменети да го подобрат квалитетот на живот преку заштита на природата во земјава. Во 2024 година за таа намена се вложени 170 милиони евра. Инвестиции за заштита на чистиот воздух само 17,5 милиони евра.
Во текот на 2024 година за заштита на воздухот биле инвестирани незначителни 17,5 милиони евра, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика. За управување со отпадни води се инвестирани близу 56 милиони евра, а за постапување со отпадот биле вложени 40 милиони евра. Ако нешто во овој извештај е позитивно, тоа е податокот дека во текот на ланската година биле инвестирани средства за 18 отсто повеќе во однос на тоа што биле вложени во 2023 година.
„Во вкупните трошоци за заштита на животната средина според еколошката намена, најголемо е учеството на трошоците за управување со отпадни води (32.7 %), потоа на трошоците за за циркулациски системи за снабдување со вода (29.0 %) и на трошоците за постапување со отпад (23.7 %). Трошоците за заштита на животната средина се состојат од две компоненти: инвестиции во средства за заштита на животната средина и трошоци за одржување на средствата за заштита на животната средина“, се наведува во извештајот на ДЗС.
Доколку се анализираат податоците ќе може да се забележи дека учеството на трошоците за заштита на животната средина во вкупните инвестиции и трошоци според намената се според овој распоред: 32% се за управување со отпадни во, 29% се наменети за циркуларни системи за снабдување со вода, 23,7% за постапување со отпад, а за останати активности 14,6 отсто.
„Учеството на инвестициите во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 64.0 %, а учеството на трошоците за одржување во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 36.0 %. Од вкупните трошоци за заштита на животната средина, најмногу трошоци се направени во индустријата и специјализираните производители, 5 141 293 илјади денари, односно 49.0 %. Од направените трошоци за заштита на животната средина во индустријата и кај специјализираните производители, 30.1 % се наменети за инвестиции, а 69.9 % се за одржување на средствата. Од вкупните плаќања и надоместоци за извршени услуги за заштита на животната средина, најголемо е учеството на платените надоместоци за постапување со отпад, 89.9 %.“ стои во извештајот на ДЗС.
Овие податоци се само потврда колку во земјава е пародоксална ситуацијата со борбата против загадувањето. Рекордери сме во стапките на загаденост но по се изгледа дека ќе бидеме и земја која најмалку инвестира во проекти кои имаат за цел да ја зачуваат или подобрат животната средина.
И.П



