„Пензијата легна, а веќе ја нема“. Со овие зборови Ѓорѓи, 72-годишен пензионер од Скопје, ја опишува својата секојдневна борба со сè повисоките трошоци за живот.
Вели дека првите денови по исплатата купува што му треба, а потоа брои денови и денари до следната исплата.
„Се радувам на пензијата како дете на нова играчка, а утредента половина ја нема… струја, вода, лекови, пазар… и ете…“.
Инфлацијата, тој невидлив данок што не прашува дали можеш, дали имаш, си ја прави својата работа. Парите што некогаш траеле цел месец, денес се топат како снег на мартовско сонце.
Во маркетите е како некој да си игра со цените — една недела еден производ, друга недела веќе поскапен…
„Во аптека одам со калкулатор“, ни призна пензионерка којашто сакаше да остане анонимна. „Ако ги земам сите лекови што ми ги препиша докторот, останувам без пари за леб. Па бирам. Еден месец за срце, друг месец за колкот… како лотарија“.
На пазарите цените се менуваат побрзо од календарските листови. Јаболката што лани беа 40 денари, годинава се 100. Маслото за готвење, брашното, дури и најобичната сол – сè е качено по неколку пати.
Пензионерите се навикнаа да пресметуваат. Да мерат дали да купат еден килограм компири повеќе или да остават за автобуска карта до доктор.
Некои и престанале да се гледаат со пријатели, „да не се трошат“, како што рече Ѓорѓи, со некоја горчлива насмевка. „Порано седевме секојдневно на клупата пред зградата или одевме на по една боза во блиската слаткарница, сега секој се затворил дома. Како да се срамиме што сме стари и сиромашни“.
А инфлацијата продолжува, студена и рамнодушна, да го бричи секој ден по малку достоинството.
Од пензија до пензија, животот се сведува на броење денови и сметки. И на она старо, горко прашање што секој од нив си го шепоти вечер, пред да ги изгаси светлата: „Ќе ни стигне ли до први?“
Б.З.М.



