ПочетнаЕКОНОМИЈАПрв стан со 10% учество – вистинска шанса или лажна надеж?

Прв стан со 10% учество – вистинска шанса или лажна надеж?

Од 1 декември ќе почне да важи новото правило на Народната банка – банките ќе можат да одобруваат станбени кредити со само 10% учество, но исклучиво за купување прв стан или за изградба на куќа што ќе биде примарно живеалиште.

На хартија звучи како олеснување, особено за младите семејства кои со години живеат под кирија, но реакциите се поделени.

Некои го гледаат како конечно мало олеснување, други се сомневаат дека ќе донесе реална промена во време кога цените на становите одат само нагоре.

„Ова може да ни биде шанса, барем да пробаме да излеземе од кругот на кириите“, вели Мартина и со малиот син во раце објаснува дека со сопругот веќе две години штедат за учество. „Ако мораме 20-30% учество, тоа е речиси невозможно за нас. Со 10% веќе звучи достижно… ако не ни побегнат цените уште повеќе до декември“, додава со воздивнување.

Слично размислуваат и многумина други, особено младите парови кои ја гледаат можноста да стигнат до свој дом, барем на хартија, со помал влог однапред.

Гувернерот Трајко Славески најави и дека банките ќе бидат охрабрени да понудат и пониски каматни стапки – за 0,5 до 0,75 процентни поени пониски за овие кредити, што би можело да значи заштеда од неколку илјади евра низ годините.

Сепак, за оние кои купуваат станови како инвестиција, условите ќе станат построги: учество од најмалку 25%, а и каматите ќе бидат повисоки. Идејата е јасна – да се одвои станот како дом од станот како бизнис. Прашањето е, дали тоа навистина ќе ги раздвои и во пракса.

Економските аналитичари велат дека мерката е внимателен обид да се помогне на првите купувачи без дополнително да се разгорува пазарот.

„Мора да се прави разлика меѓу оние што купуваат за да живеат и оние што купуваат трети, четврти станови како инвестиција. Ова е обид да се балансира – да се даде шанса на првите, а да се олади апетитот на вторите“, вели аналитичарот Ведран Кузмановски.

Но предупредува и дека сè зависи од тоа дали банките ќе ја прифатат логиката на централната банка и навист ина ќе ги намалат каматите.

„Ако условите останат ригидни и каматите високи, мерката ќе остане само убаво напишана на хартија“, додава тој.

Од друга страна, дел од граѓаните се скептични дека ова ќе донесе вистинско олеснување во реалност каде цените на становите во Скопје одамна ја надминале границата на логиката.

„И да ми дадат кредит со 10% учество, кога квадрат чини 2.000 евра, тоа сè уште е недостижно. Нема што да размислувам ако ми требаат 200 илјади евра за стан“, вели Зоран, кој со семејството живее во изнајмен стан веќе десет години. Во меѓувреме, вели, секој месец ги гледа цените како растат додека платите остануваат исти.

Сè на сè, новите правила на Народната банка носат надеж – барем за оние што веќе биле блиску до целта, но не успевале да ја достигнат поради високото учество.

За останатите, тоа е уште една далечна бројка на хартија. И како што некој рече пред шалтер во една скопска банка, гледајќи го огласникот за станови:

„Добро е што ни даваат шанса… ама би било уште подобро да можеме навистина да ја искористиме“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП