Во Македонија, денес, да си дозволиш две кафиња и една кутија цигари дневно значи дека ти испаруваат најмалку 500 денари од џебот. Секој ден, без пауза, како часовник што не знае за одмор.
За еден месец, тоа се околу 15.000 денари, а за една година цели 180.000 — речиси колку еден половен автомобил или една просечна плата за шест месеци.
Цигарите годинава поскапеа уште еднаш, за 10 денари по кутија, па така сега цената на најпопуларните брендови се движи од 180 до 200 денари.
И кафето не заостанува — во продавниците 100 грама мелено кафе достигнува и до 100 денари, додека во скопските кафулиња цените веќе одамна ја пробија психолошката граница: еспресо за 120, макијато за 150, а во попознатите локали и до 200 денари за шолја.
„Ако ги гледаш бројките, страшно е“, вели Магдалена, вработена во маркетинг агенција. „На работа пијам барем две кафиња, уште едно попат од дома до канцеларија… и плус кутија цигари на ден. Секој месец тоа се 500 евра, а не ги чувствувам како трошок — како воздух ми се“.
И Александар, таксист со дваесет години искуство, го чувствува товарот, ама одбива да попушти.
„Мене без цигара не ми оди денот. Знам дека е скапо, ама тоа ми е моментот за да земам здив. Да застанам на кеј, да погледнам во реката и да се исклучам пет минути“, раскажува нашиот соговорник.
Според податоците, потрошувачката на кафе во земјава се движи околу 2,5 килограми по жител годишно, а бројот на пушачи и натаму е висок — околу 35% од возрасната популација.
Тоа значи дека стотици илјади луѓе секојдневно издвојуваат значителен дел од својот буџет за овие ритуали.
„Малите трошоци, токму затоа што се мали, најчесто се занемаруваат — а се собираат во огромни суми“, предупредуваат економистите. „Петстотини денари дневно не изгледаат страшно, ама тоа е 15.000 месечно, а тоа е веќе страшно“.
Иако цените се качуваат полека, речиси незабележливо — десет денари денес, уште десет утре — сепак никој не изгледа подготвен да се откаже.
„Можеби ќе одам поретко во маркет, ама кафе без цигара? Не оди“, додава Магдалена.
И така, додека тивко растат цените, расте и бројот на луѓе кои си велат „само уште денес“ — а потоа утре пак. Зашто некои навики, колку и да чинат, не се пресметуваат во денари.
Б.З.М.



