ЕОС Матрикс Македонија, која е дел од меѓународната ЕОС Групација, продолжува со зацврстување на својата позиција како лидер на македонскиот пазар во сегментот на управување со побарувањата. Оваа компанија во изминатиов период значително го прошири своето портфолио и, заедно со унапредувањето на услугите, дигитализацијата, како и примената на иновативни решенија, дополнително ја потврди довербата кај своите партнери и корисници.
Растот на ЕОС Матрикс Македонија е дел од поширокиот позитивен тренд на раст на пазарите на ЕОС Групацијата во Источна Европа, каде што подружниците бележат стабилно зголемување, како резултат на високата побарувачка за стручни услуги во областа на управување со нефункционалните кредити и финансиските реструктуирања.
„Со услугите кои што ги нудиме, како што се професионално управување, персонализирани решенија и поддршка базирана на иновативни дигитални решенија, покажавме дека може да се постигне одржливо решавање на обврските. Дополнително, во изминатиот период успеавме и да ја зголемиме ефикасноста на процесите, што ни овозможи да го прошириме фокусот и кон корисниците со зголемен ризик, со цел и ним да им понудиме реални и изводливи решенија, прилагодени на нивната финансиска состојба. И покрај промените и предизвиците на домашниот пазар, нашето работење бележи нагорен тренд. Како членки на групацијата ЕОС која е присутна на пазарите во повеќе од 20 земји, ние имаме пристап до иновации и нови технологии во индустријата, што овозможува развој на нашата компанија, но и развој на секундарниот финансиски пазар. Со јасна стратегија за иднината, ЕОС Матрикс Македонија ќе продолжи да инвестира во нови технологии и унапредување на процесите, создавајќи стабилна основа за натамошен раст и партнерства кои придонесуваат за зајакнување на довербата во финансискиот систем и на економијата во целина. Преку размена на знаење, искуства и добри практики со нашите интернационални партнери, ние активно учествуваме во обликувањето на иднината на управувањето со побарувања, со фокус на одржливост, ефикасност и технолошка иновација“, изјави д-р Катерина Бошевска, генералната директорка на ЕОS во Македонија и Косово.

За значењето на компанијата во унапредување на финансиската дисциплина во земјава говори и фактот што дури 29,1 отсто од должниците целосно ги исплатиле своите обврски во рок пократок од три години, откако ЕОС Матрикс го презел нивниот предмет од друга финансиска институција, што значи вратена вредност во стопанството преку подобрување на ликвидноста на компаниите и развој на секундарниот финансиски пазар.
Бројките од Годишниот финансиски извештај кој го објави ЕОС Групацијата за финансиската 2024/2025 година, говорат дека македонскиот пазар има значаен удел во растот на приходите на Групацијата, покрај пазарите од Грција, Полска, Романија и Србија.
Според извештајот, подружниците од Источна Европа во периодот од март 2024 заклучно со февруари 2025 година, оствариле вкупни приходи од 369,2 милиони евра, што означува раст од 7,6 отсто во однос на претходната година. Овие приходи претставуваат значаен дел во рамките на ЕОС Групацијата, со учество од 35,1 отсто во вкупните приходи.
ЕОС Групацијата се издвои и како водечки инвеститор, со инвестиции од 826,6 милиони евра во анализираниот период, во купување на необезбедени и обезбедени побарувања и недвижности, што е значително зголемување за над 40 проценти.
Инаку, ЕОС Групацијата во извештајниот период оствари консолидирани приходи од 1,1 милијарди евра, што е зголемување за 5,6 проценти во однос на претходната година. Остварената EBITDA, што всушност означува добивка пред камата, даноци, амортизација и отписи достигна 460,8 милиони евра, што е значаен раст во однос на претходниот период. Во Групацијата, на повеќе од 20 пазари ширум Европа, работат над 6.000 финансиски експерти.



