Кина се соочува со голем број предизвици во намалувањето на емисиите на јаглерод, што е една од клучните климатски цели поставени во најновиот петгодишен план на владата, објави „Bloomberg“.
Пекинг наведе фактори, вклучувајќи ги трговските тензии со Соединетите Американски Држави, екстремните временски услови и ефектите од пандемијата Ковид-19.
Контролирањето на интензитетот на емисиите е „предизвикувачки“, рече кинескиот министер за екологија и животна средина Хуанг Џунчиу во говорот пред Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес на Комунистичката партија на Кина.
Кина се соочи со предизвици и покрај огромниот пораст на производството на зелена енергија во последните години, што ѝ овозможи на земјата да ја исполни својата цел за 2030-та година за додавање на ветерна и сончева енергија пред предвидениот рок.
Во првата половина од оваа година, Кина ги намали вкупните емисии за 1%, според анализата на Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух.
Во 2021-ва година, Кина постави цел да ги намали емисиите на јаглерод по единица бруто домашен производ за 18% до крајот на оваа година од нивоата во 2020-та година. Но, голем број фактори, вклучително и зголемената потрошувачка на енергија, го забавија ова на само 7,9% до крајот на 2024-та година.
Иако најголемите климатски цели на Кина се да ги достигне емисиите на врвот пред 2030-та година и да постигне јаглеродна неутралност до 2060-та година, земјата ја користи енергијата и интензитетот на емисиите како клучни индикатори за своите краткорочни и среднорочни цели.
Кина постави цел на Обединетите нации (ОН) да го намали интензитетот на емисиите за 65% до 2030-та година во однос на нивоата од 2005-та година. Дури и ако земјата ги намали вкупните емисии за 1% оваа година, постигнувањето на таа цел ќе бара поамбициозни мерки за намалување на интензитетот за 22% во следниот петгодишен план, кој се очекува да биде објавен во март.
Во мај, Жу Гуанјао, кој беше заменик-министер за финансии на земјата од 2010-та до 2018-та година, рече дека емисиите на Кина веројатно ќе достигнат врв неколку години пред рокот на Пекинг во 2030-та година.
Тој цитираше истражување објавено во „CarbonBrief“ кое покажа дека Кина ги намалила своите емисии за 1% во текот на изминатите 12 месеци и дека забележала пад од 1,6% само во првиот квартал од оваа година.
Запирањето на понатамошниот раст на емисиите на Кина би дало значаен придонес во глобалната борба против климатските промени. Сепак, повеќето научници велат дека земјата треба да направи остри намалувања за да ги избегне најлошите ефекти од емисиите на глобалното затоплување.
Во 2021-ва година, Кина започна шема за трговија со јаглерод во која беа вклучени големи индустриски производители, вклучувајќи повеќе од 2.200 енергетски компании кои емитуваат повеќе од 4,5 милијарди тони јаглерод диоксид годишно. Целта е да се промовира зелената транзиција на земјата.
Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), Кина е светски лидер во нови капацитети за зелена енергија.



