ПочетнаЕКОНОМИЈАЕлектронските трансакции поевтинуваат – дали граѓаните конечно ќе се откажат од шалтерите?

Електронските трансакции поевтинуваат – дали граѓаните конечно ќе се откажат од шалтерите?

По објавата на банките за намалување на банкарските провизии, вниманието сега се насочува кон тоа како граѓаните и компаниите ќе ги користат новите, поевтини услуги. Една од најголемите промени се очекува да се случи кај електронското и мобилното банкарство, кое станува сè подостапно и поевтино во споредба со традиционалните шалтерски услуги.

И покрај тоа што дигиталното банкарство е достапно со години, голем дел од граѓаните и понатаму претпочитаат да ги вршат трансакциите на шалтер. Со намалувањето на провизиите за електронските плаќања, се очекува дел од овие клиенти да преминат кон онлајн каналите. Ова би значело не само заштеда на време и пари за корисниците, туку и намалување на гужвите во банките.

За компаниите, особено за оние кои вршат голем број месечни плаќања, дигиталните канали може да станат поатрактивни. Поевтините електронски трансакции ќе им овозможат побрзо и поефикасно работење, со што ќе се намалат административните трошоци и ќе се зголеми транспарентноста на финансиските текови.

„Технолошкиот развој е неизбежен, а поевтинувањето на дигиталните услуги ќе биде клучен мотиватор граѓаните да се префрлат онлајн. Сепак, за тоа е потребно и зголемување на довербата во електронските канали и дополнителна едукација на корисниците,“ вели банкарскиот консултант Бранко за Денар.

Иако цената е важен фактор, експертите потсетуваат дека довербата во дигиталното банкарство е одлучувачка. Дел од граѓаните сè уште имаат резерви поради безбедносни причини или недоволна навика за користење технологија.

Намалувањето на провизиите не е само финансиско олеснување, туку и можност за трансформација на начинот на кој граѓаните и компаниите ги користат банкарските услуги. Ако трендот продолжи, дигиталното банкарство може да стане доминантен канал, оставајќи ги шалтерите само за специфични услуги.

С.А.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП