Парите одамна престанаа да „ѕвечкаат“ – сега само тивко се префрлаат од една сметка на друга, невидливо, со еден допир. Но тишината што ја носи онлајн банкарството кај многумина сè уште предизвикува нелагодност.
Нема шалтер зад кој некој ќе ти кимне, нема печат што ќе затропа по хартија, нема дури ни лице на кое можеш да му ја прочиташ сигурноста.
Само бројки што трепкаат на екранот и бараат од тебе – да им веруваш. И токму таму, некаде меѓу тишината и сомнежот, почнува целата приказна.
Онлајн банкарството одамна не е новитет, ама довербата кон него и понатаму останува кревка – особено кај повозрасните корисници, кои сè уште го гледаат со одредена доза на сомнеж.
Има луѓе што и денес, кога речиси сè се плаќа со само неколку кликови, претпочитаат да застанат во ред во филијала, да разменат два-три збора со шалтерскиот службеник и да го земат хартиениот потпис како гаранција дека парите навистина „прошле“.
„Немам доверба во тие апликации, ќе ми исчезнат парите за една секунда“, вели со полугласна насмевка еден пензионер што го сретнавме пред банка во центарот на Скопје.
Иако признава дека синовите му објаснувале како сè е безбедно и дека со двојна проверка, ПИН-кодови и биометрија е речиси невозможно некој да му „влезе“ во сметката, сепак, раката не му оди лесно да притисне „испрати“.
Од другата страна, банките упорно се обидуваат да ја скршат таа недоверба.
Во последниве години инвестираат огромни средства во безбедносни системи, шифрирање на трансакциите и 24-часовен надзор врз сомнителни активности.
Дел од нив дури нудат и осигурување од онлајн измами, токму за да ги охрабрат колебливите клиенти.
„Нашата цел не е само да им продадеме апликација, туку да изградиме навика – а навика без доверба не постои“, ни кажа претставник од една комерцијална банка, кој инсистираше да остане анонимен.
Интересно е што младите генерации речиси и не поставуваат прашање дали да користат онлајн банкарство – за нив тоа е подразбирливо.
Но токму тие млади, кои се најголеми корисници, неретко стануваат и жртви на интернет измами бидејќи се помалку внимателни и имаат впечаток дека се „дигитално неповредливи“.
А кога ќе се појави некој нов случај на кражба на податоци или „фишинг“ напад, довербата на сите колективно се ниша.
Парадоксот е што колку повеќе расте дигиталната писменост, толку побрзо исчезнува потребата да се верува – едноставно затоа што услугата станува толку вкоренета во секојдневието, што луѓето престануваат да размислуваат дали им веруваат на банките.
Ги користат и точка. Сè додека некој не им ја префрли платата на погрешна сметка… и тогаш повторно од почеток, со ладење на нервите пред шалтер и со потпис на хартија.
Б.З.М.



