Дел од Скопје утрово беше прекриен со магла и чад. Мерните станици покажуваат високо ниво на загадување на воздухот во Аеродром и Ново Лисиче.
Вчера вечерта во депонијата Дрисла избувна голем пожар кој за кратко време предизвика густи облаци чад што брзо се раширија над скопската котлина.
Експертите предупредуваат дека горењето на ваков отпад ослободува токсични гасови и ситни честички опасни за здравјето на луѓето, особено за најранливите категории – децата, старите и хронично болните лица.
Министерот за здравство Азир Алиу им препорача на скопјани да не се движат на отворен простор ако немаат потреба. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања поврзани со загадувањето на воздухот предизвикано од пожарот на скопската депонија „Дрисла“.
Граѓаните преку социјалните мрежи утрово алармираа дека воздухот е екстремно загаден и се загрижени за своето здравје и здравјето на нивните деца.




