ПочетнаЕКОНОМИЈАКриза со какаото: Зошто чоколадото стана поскапо од кога било низ целиот...

Криза со какаото: Зошто чоколадото стана поскапо од кога било низ целиот свет?

Предизвикана од слабите жетви во Гана и Брегот на Слоновата Коска, цената на чоколадото вртоглаво скокна низ целиот свет. Полска забележа раст од 39,1%, што е највисок во целата Европска Унија.

Поради слабите приноси во Гана и Брегот на Слоновата Коска, најголемите светски производители на какао, цената на чоколадото порасна глобално во текот на изминатата година. Но, каде во ЕУ потрошувачите го почувствуваа најголемиот скок на цените?

Полска го зазеде првото место со раст од дури 39,1% во мај оваа година, во споредба со истиот период минатата година.

Според податоците на Евростат, цените низ Европа беа во просек за 21,1% повисоки во мај отколку една година претходно. Естонија (+37,9%), Литванија (+36,5%), Латвија (+33,2%), Шведска (+28,0%) и Финска (+26,0%) се издвојуваат меѓу земјите со најизразено зголемување на цените.

Од друга страна, растот на цените беше многу поблаг во Луксембург (+5,2%), Кипар (+9,0%), Италија (+12,0%), Малта (+12,2%) и Австрија (+13,4%).

Какаото, кое порано се продаваше за цена помеѓу 2.000 и 3.000 евра по тон, во одреден период достигна до 13.000 евра по тон. Аналитичарите очекуваат цената да се стабилизира на околу 9.000 евра до крајот на годината.

Во текот на сезоната 2023/2024, глобалниот пазар на какао забележа пад на производството. Меѓународната организација за какао процени дека производството е намалено за околу 10% во споредба со претходната сезона.

Експертите обвинуваат комбинација од фактори: лоши временски услови, обилни врнежи од дожд проследени со подолги сушни периоди, климатски промени, но и болести што влијаат на посевите во Западна Африка.

Проценките на пазарните аналитичари покажуваат дека дефицитот во понудата на какао, разликата помеѓу побарувачката и она што пазарот може да го понуди, достигна 478.000 тони во сезоната 2023/2024, што е најголемиот дефицит во последните 60 години.

Зголемувањето на цените на какаото доведoa до невидена инфлација на цените на чоколадото, што дополнително ги оптовари производителите на чоколадо и во Европската Унија и низ целиот свет.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП