Словачка објави пакет намалувања на трошоците и зголемување на даноците во вредност од 2,7 милијарди евра за 2026-та година, објави „Bloomberg“.
Министерот за финансии Ладислав Каменички изјави дека следната година ќе има зголемување на данокот на доход за лицата со повисоки приходи, стапката на данок на додадена вредност за некои прехранбени производи, даноците за коцкање и придонесите за здравствено и социјално осигурување за да се исполни целта за намалување на дефицитот.
Земјата, исто така, ќе спои некои државни агенции и ќе ги намали трошоците во министерствата, додаде министерот.
Севкупно, мерките имаат за цел да го намалат дефицитот на јавните финансии на околу 4,2 проценти од бруто домашниот производ (БДП) од очекуваните 5,1 процент оваа година.
„Прво, треба да го забавиме растот на долгот, потоа да го запреме и да го вратиме назад: тоа е целта на оваа консолидација“, рече Каменички.
Словачка има еден од најголемите фискални дефицити во Европската унија (ЕУ). „Fitch Ratings“ и „Moody’s Ratings“ ги намалија кредитните рејтинзи на земјата во последните две години.
Администрацијата на премиерот Роберт Фицо вети фискална одговорност, но дополнителните социјални трошоци, вклучително и за субвенции за енергија, повисоки пензии и плати во јавниот сектор, ги поткопаа тие планови.
Пониските даночни приходи, резултат на забавувањето на економскиот раст и американските царини, како и зголемувањето на трошоците за одбрана и повисоките каматни трошоци, исто така ги комплицираат плановите за консолидација.
Дифицитот на јавните финансии на Словачка е заглавен на околу 5% од БДП-то откако Фицо се врати на власт пред две години, и покрај претходното усвојување на два пакета за фискална консолидација.
Централноевропската земја, исто така, ги надминува своите ограничувања на долгот утврдени со закон. Кабинетот, исто така, ја одложи својата цел за постигнување дефицит од 3% од БДП-то за една година, до 2028-ма година.



