„Ѕkoda“ го претстави концептот „Vision O“, електричен караван кој најавува нова насока за развојот на брендот.
Концептот е дизајниран како практично, електрифицирано возило на иднината, со фокус на одржливост и дигитализација. Производната верзија е планирана за следната деценија, соопшти „Ѕkoda“.

Внатрешноста на „Vision O“ е развиена со акцент на едноставност и функционалност – новиот распоред на кабината вклучува екран „Horizon“ долг 1,2 метри, видлив и за возачот и за совозачот, додека централниот вертикален дисплеј ги надополнува контролите.

Кабината има минималистички изглед, но и повеќе од 650 литри простор за багаж, или повеќе од 1.700 литри кога седиштата се склопени.

„Vision O“ носи асистент базиран на вештачка интелигенција по име „Laura“, кој може да помогне со навигација, да дава информации за околината или да снима задачи. Исто така, постои „биоадаптивно осветлување“ кое ја прилагодува околината на циклусите на природна светлина.

Меѓу практичните додатоци се преносен звучник, интегриран фрижидер и простори за чадори и кабли за полнење.

Надворешноста на возилото ја следи филозофијата на „робустен минимализам“, велат од „Skoda“. Предната решетка, наречена „Tech-loop“, комбинира осветлување и аеродинамични елементи, додека рачките на вратите се вдлабнати, а тркалата се обликувани за да го намалат отпорот.

Автомобилот е долг 4.850 mm, широк 1.900 mm и висок 1.500 mm, што го сместува во сегментот на пространи семејни каравани.

Концептот на осветлување привлекува особено внимание. Предните „сајбер“ светла се поврзани со логото и решетката, додека задната група светла во облик на „Т“ дава карактеристичен визуелен потпис.

Анимирана сигнализација се користи и при префрлување на автономен режим на возење, за да им стане јасно на другите учесници во сообраќајот дека автомобилот вози независно.

„Vision O“ исто така вклучува напредни опции за автономно возење. Возилото може да ги преземе сите задачи за возење во одредени услови, додека за посложени ситуации, се овозможува префрлување на рачна контрола.
Тука е и режимот „Tranquil“, кој ги поместува седиштата назад, го затемнува осветлувањето и нуди персонализиран мултимедијален амбиент за релаксација додека возите.

Со овој концепт, „Ѕkoda“ се потпира на својата богата историја во сегментот на каравани – моделите „Octavia Combi“ и „Superb Combi“ се продадени во повеќе од 3,6 милиони примероци од 1998-ма година, па затоа се очекува и концептот „Vision O“ да биде успешен.



