Темпото на градењето нови згради нема да запре. Тоа го потврдува најновиот извештај на Државниот завод за статистика од каде велат дека во јули биде издадени 401 одобрение за градба, а со нив се предвидени нови 667 станбени единици. Најмногу во периодот што следи ќе се гради во Полошкиот регион. Цената на становите особено во Скопје продолжува да руши рекорди.
Податоците на државните статистичари покажуваат дека на годишно ниво има раст на издадените одобренија за градба и тоа за 7,2 отсто. Тоа уште еднаш ја потврдува констатацијата дека македонските граѓани и натаму сметаат дека инвестирањето во недвижности и тоа како им е врвен приоритет. Интересен е податокот кој вели дека предвидената вреднос на објектите кои треба да се изградат е повисока од онаа која била лани истиот месец за фантастични 345 отсто.
„Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 31 699 433 илјади денари, што е за 345.3 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба за ветерен парк (за производство на електрична енергија од обновливи извори) во општините Штип, Радовиш и Карбинци, кој е со вредност од 500 милиони евра. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 228 (56.9 %) се наменети за објекти од високоградба, 46 ( 11.5 %) за објекти од нискоградба и 127 (31.7 %) за објекти за реконструкција“, се наведува во извештајот на ДЗС.
Од вкупно 401 објект, на 232 или речиси 60 отсто како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 169 или на 40 проценти од објектите инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 667 станови со вкупна корисна површина од 60 676 м2.
Во однос на регионите, Полошкиот регион е лидер во однос на одобренијата за градба. Во овој дел од државата се издадени 134 одобренија за новогрдба, во Скопскиот регион 70 одобренија, 50 одобренија има во Југоисточниот регион. Што се однесува до станбените единици, најмногу ќе се градат во полошкиот регион 268, во Скопскиот регион 125 станови, Југозападниот регион 98, во Вардарскиот регион 63 нови станови.
Подолг период цената на становите е една од најголемите маки на македонските граѓани. За една година становите поскапеа за над 20 отсто, што предизвика голема несигурност кај граѓаните кои треба да подигнат кредит и да го купат својот иден дом. Најмногу од ваквиот тренд се офајдија домаќинствата кои продаваа половни станови кои најчесто се и симболично реновирани.
И.П



