Трендот на хонорарна работа одамна ја надмина фазата на „алтернативен избор“ и полека прераснува во стандард, особено кај младите генерации кои влегуваат на пазарот на труд без илузии дека ќе најдат сигурна работа со плата секој први во месецот.
Еден дел од нив гледаат можност за заработка без шеф што им дише во врат, а друг дел се чувствуваат како да живеат во постојан тест – секогаш мораат да докажуваат дека вредат, бидејќи секој нов ангажман е нов почеток.
„Слободата е убава, ама и скапa“, вели Ивана, преведувачка, која признава дека многу се нервира во месеците кога нема многу проекти.
Работодавачите, пак, често ја величаат оваа форма како решение за брзи проекти и краткорочни задачи.
Но, кога ќе се погледне подлабоко, станува јасно дека голем дел од нив ја користат токму за да избегнат дополнителни трошоци.
„Зошто да вработам новинар со договор, кога можам да земам хонорарац за конкретна статија и да не мислам на боледување, одмор или придонеси?“, признава уредник на еден локален портал.
Тоа што за газдите е економија, за работниците е губење на елементарна сигурност.
Синдикатите одамна предупредуваат дека хонорарната економија е опасен терен – ги подрива класичните работнички права и ја разредува сигурноста на вработувањето.
Работодавачите, пак, ќе ви речат дека светот се менува, дека младите не сакаат фиксни канцеларии и осумчасовни работни недели, па затоа и тие мораат да се приспособат.
„Ако барам флексибилни луѓе за кратки проекти, зошто би отворал ново работно место со сите давачки?“, прашува еден сопственик на маркетинг агенција кој инсистира да остане анонимен.
Во Македонија, каде што пазарот на труд е кревок и многумина едвај наоѓаат редовна работа, хонорарните ангажмани често изгледаат како единствена шанса.
Но токму затоа дилемата е уште поголема: дали навистина тоа е начин да се заработи достоинствено, или е само уште еден начин компаниите да си ги намалат трошоците и да избегнат обврски?
На крајот останува горчливото чувство дека границата меѓу спас и експлоатација е тенка – премногу тенка – и дека сè повеќе луѓе ја преминуваат, понекогаш без ни да забележат.
Во регионот, трендот на хонорарна работа има слична динамика, но бројките сепак откриваат интересни разлики.
Во Србија, според официјалните податоци од нивниот Завод за статистика, околу 13% од работната сила во последните пет години била ангажирана на хонорар или преку краткорочни договори.
Во Хрватска, бројката е нешто пониска, околу 9%, но таму државата воведе дополнителни правила за заштита на хонорарците – на пример, задолжителна уплата на минимални придонеси дури и за кратки ангажмани.
Кај нас, според неофицијални проценки, над 50.000 луѓе редовно работат на хонорар, без стабилен договор. Тоа е значителна бројка ако се земе предвид дека вкупно активното население е нешто над 800.000 жители.
Но, во Македонија заштитата на овие работници е речиси симболична. Сè уште нема јасна стратегија како да се регулираат овие ангажмани, па затоа се случува луѓе со години да работат без да имаат ниту еден ден стаж.
Ако се направи споредба со Западна Европа, јазот е уште поочигледен. Во Германија или во Франција хонорарната работа (таканаречената „gig economy“) се шири, но постои систем на задолжителни осигурувања, колективни договори и минимални стандарди.
Таму не може лесно да се случи хонорарац да остане без уплатено здравствено.
Од друга страна, бројките покажуваат и дека хонорарната работа ја намалува невработеноста, барем на хартија. Луѓе што инаку би биле на биро, сега се појавуваат како ангажирани. Но, кога ќе се погледне нивната пензиска иднина, прашањето е – што ќе имаат на 64 години?
Во ИТ секторот разликата меѓу хонорарците и редовно вработените е најочигледна. Просечната плата за програмер во компанија во Македонија изнесува околу 1.200 евра бруто, со сите придонеси и бенефиции.
Но хонорарците што работат директно за странски клиенти преку платформи како Upwork или Fiverr знаат да заработат и двојно повеќе – 2.000 до 2.500 евра месечно, без да излезат од дома. На хартија тоа изгледа како сон, но проблемот е во нестабилноста: месец со еден голем проект може да донесе приход од три плати, а потоа следниот месец – ништо.
Во креативните индустрии сликата е поинаква. Дизајнери, новинари или маркетинг-експерти на редовна работа имаат плата меѓу 500 и 700 евра. Хонорарците во истите професии, ако работат за домашни клиенти, ретко достигнуваат такви износи – повеќе е во рангот од 300 до 500 евра, и тоа со многу повеќе стрес.
„Домашните фирми често мислат дека хонорарац треба да работи за ситни пари, затоа што немаат трошоци за придонеси. На крајот испаѓа дека мора да прифатиш многу ситни задачи за да составиш еден пристоен месец“, раскажува едно младо девојче што работи како графички дизајнер на хонорар.
Еден интересен пример доаѓа од филмската индустрија. Камерман или монтажер кој е вработен во телевизија има сигурна плата, обично околу 600 евра. Но хонорарците што работат на реклами или музички видеа знаат да наплатат и по 300–400 евра за само неколку дена работа. Сепак, тие немаат гаранција дека следниот месец ќе има нов проект.
И тука се гледа суштината: хонорарната работа може да биде златна кокошка во ИТ, но во креативните дејности повеќе наликува на борба за опстанок. А кога ќе се направи пресек, заклучокот е горчлив – кај нас хонорарната економија создава елита на мал дел високо платени професионалци и маса на недоволно заштитени, ниско платени работници што живеат од ден за ден.
Б.З.М.



