ПочетнаЕКОНОМИЈА„Вложуваме цела година, на крај сме во минус“ – очај кај овоштарите...

„Вложуваме цела година, на крај сме во минус“ – очај кај овоштарите во Преспа

Секоја есен, кога мирисот на јаболката се меша со ладниот воздух од Преспанското Езеро, истата мака им тежи на овоштарите – недостигот од луѓе што ќе го соберат родот.

И годинава сценариото е исто: берачите од Албанија се главниот спас, тие се веќе одамна „домашни“ по овие ниви.

„Тие луѓе знаат што прават, не им треба многу упатство. Работат брзо, по навика, и ако не се тие, ќе ни скапеше јаболкото на гранка“, вели еден производител од село покрај Ресен.

Дневниците, пак, како и секоја година растат – од 2.500 до 2.700 денари, со обезбедена храна и сместување.

На прв поглед тоа изгледа фер, но зад бројките стои друга вистина.

„Нашите луѓе за овие пари не сакаат ни да излезат на нива. А ние повеќе од толку не можеме да дадеме. Родот е слаб, цените ниски, едвај врзуваме крај со крај“, раскажува друг овоштар.

Тој додава дека голем дел од младите одамна се иселени, а постарите едноставно не можат да издржат по цел ден во берба.

Најголемата мака се цените на откупот. Индустриското јаболко се нуди за 9 денари по килограм, што не ги покрива ни основните трошоци.

„Производната цена е 12 до 13 денари. Вложуваме цела година – ѓубрива, прскања, гориво, работна рака. И на крај ни велат: 9 денари. Па тоа е навреда“, вели млад овоштар кој размислува да ја остави професијата и да замине во странство.

Статистиката ја потврдува нивната загриженост. Според податоците до коишто дојдовме, годинава родот е послаб за 20% во однос на минатата сезона, дел поради временските услови, дел поради болести.

„Кога родот е слаб, нормално е трошокот по килограм да биде поголем. Тоа е проста математика“, велат експертите и предупредуваат дека ако државата не интервенира со субвенции или откупни гаранции, многу овоштари ќе се откажат.

Ситуацијата е апсурдна – дневниците за берачи растат, а цената на јаболкото паѓа.

„Ние имаме дилема – дали да набераме и да продаваме со загуба, или да оставиме да скапува на гранка. И двете се пораз“, коментира искусен производител, кој се сеќава на времиња кога индустриското јаболко се откупувало за двојно повеќе.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП