ПочетнаЕКОНОМИЈАПлаќаме земјоделски производи како да сме најбогати во Европа, а сме најсиромашни...

Плаќаме земјоделски производи како да сме најбогати во Европа, а сме најсиромашни на Балканот!

Нава потврда дека македонските граѓани плаќаат најскапа храна не само во регионот туку и пошироко даде извештајот на Државниот завод за статистика во кој се наведува дека за една година трошоците на домаќинствата за набавка на прехранбени производи и безалкохолни пијалаци се зголемиле за шест отсто. Загрижува податокот кој вели дека за дури 11 отсто пораснале трошоците на граѓаните за купување на овошје и зеленчук. Власта сепак реши да не воведува мерки за зауздување на инфлацијата со образложение дека цените не се високи. Синдикатите и натаму бараат зголемување на платите на работниците се со цел, месецот достоинствено да се протурка.

Од државата која пред 30на години важеше за земјоделска со производство доволно за речиси цела поранешна Југославија, денес срамно е да се каже дека огромен број од домаќинствата не може да си дозволат овошје на својата трпеза.

Цело лето праските кои во изобилство ги имало на овоштарниците низ земјава оваа година се продаваат по 120 денари за еден килограм, крушите одамна се луксуз на трпезата, а за кајсиите цената достигнува како да купуваме некое тропско овошје, донесено од Јужна Америка.

За фантастични 11 отсто се зголемени трошоците за набавка на земјоделски производи за една година. Тоа е податок кој треба сериозно да ги замисли надлежните во државата.

Најголем дел или 70 отсто од овошјето и зеленчукот кој се продава на зелените пазари и во големите маркети се од увоз, па затоа и цената е таква. Наместо овошје и зеленчук, македонските ниви се почесто може да се забележи дека се „насадени“ со фотоволтаици. Токму затоа во август годинава овошјето е поскапено за 25 отсто на годишно ниво. Зеленчукот за шест отсто во истиот анализиран период. Ако и во иднина продолжиме со овој тренд, експертите алармираат дека состојбата може многу да се влоши.

Од министерството за земјоделство излегоа со кампаѓа, „Македонското е најдобро“ и на тој начин властите се надеваат дека ќе се подобри домашното производство, преку купување на македонски производи.

„Оваа платформа е дизајнирана како централно место за поддршка и промоција на домашното производство овозможувајќи три основни типа на регистрација. Првата регистрација е за земјоделците каде ќе можат лесно да ги прикачат и промовираат своите земјоделски производи. Втората регистрација е за преработувачите каде ќе можат да ги претстават своите автентични македонски преработки. Третата регистрација е за продажните центри каде ќе ги регистрираат своите геолокации на продажни места низ нашата држава со што македонските производи ќе станат повидливи за потрошувачите“, посочија од ресорното министерство.

И додека нема суштински мерки за запирање на инфлацијата која сега изнесува 4,4 отсто на годишно ниво, синдикалците и натаму се обидуваат да го подобрат животот на работниците преку барање повисоки плати. Засега со властите не наоѓаат заеднички јазик, но тие велат дека нема да запрат и ќе продолжат со своите барања.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП