Купувањето стан отсекогаш било една од најголемите животни одлуки, а во 2025 година таа дилема добива уште поголема тежина.
Сè повеќе луѓе се прашуваат – дали е попаметно да се плати веднаш со готовина или да се оди по патот на банкарскиот кредит, со сите ризици и обврски што тој ги носи?
Одговорот, како и секогаш, зависи од многу „ако“ и „ама“, но сепак може да се извлечат неколку јасни заклучоци.
Прво, цените на становите кај нас не покажуваат знаци на значително паѓање.
Напротив, агенциите за недвижности потврдуваат дека квадратот и натаму е скапоцен, особено во Скопје.
„Секој што очекува драматичен пад, најверојатно ќе се изначека. Побарувачката останува стабилна, а понудата ограничена“, вели еден агент со повеќе од две децении искуство.
Во вакви услови, купувањето со готовина дава предност – веднаш стануваш сопственик, без да се врзуваш за банката со долгорочни рати.
Сепак, не секој располага со толкава ликвидност. Во таков случај кредитот изгледа како единствена опција. Но, каматните стапки во 2025 иако нешто помирни од минатата година, сепак не се занемарливи.
Економистите предупредуваат дека долгорочен заем може да изеде двојно повеќе пари од реалната вредност на станот.
„Ако земете кредит на 25 години, а каматата ви е и само 4,5%, сметајте дека ќе вратите речиси уште еден стан со камата“, објаснуваат аналитичарите и додаваат дека луѓето често ја потценуваат таа пресметка.
Од друга страна, кредитот остава простор да ја задржите готовината за други вложувања – бизнис, дополнителна недвижност, или едноставно како сигурносна мрежа во нестабилни времиња.
Има луѓе што велат дека е „поглупаво“ сите пари да се врзат во ѕидови и прозорци, наместо да се вртат во нешто што може да донесе принос. Но пак, тоа бара храброст и дел од среќа, бидејќи не секоја инвестиција испаѓа успешна.
Во меѓувреме, банките вешто играат на картата на „психолошки мир“. На рати изгледа поизводливо – месец за месец, човек полесно го доживува плаќањето отколку еден голем износ наеднаш.
„Да, ќе платам повеќе, ама барем не останувам без денар во џеб“, ми рече еден млад брачен пар кој неодамна потпиша договор за стан на кредит. За нив, ова е единствената реалност.
И тука повторно се враќаме на истата точка – нема универзален одговор. Ако имате доволно пари и мирно срце, готовината е најсигурниот избор. Ако пак не, кредитот е мостот што води до сопствен дом. Но секој мост има своја цена… и своја стабилност.
Б.З.М.



