Францускиот парламент гласаше недоверба на владата на Франсоа Бајру, на потег е Емануел Макрон да најде нов претседател или да распише парламентарни избори.
Францускиот парламент вчера гласаше за соборување на владата поради нејзините планови за ограничување на растечкиот национален долг, продлабочувајќи ја политичката криза и наметнувајќи му ја задачата на претседателот Емануел Макрон да најде петти премиер за помалку од две години.
Франсоа Бајру, 74, ја презеде функцијата премиер само пред девет месеци. Тој сега мора да поднесе оставка, оставајќи го Макрон со сè потесни опции, бидејќи финансиските пазари сигнализираат загриженост за политичката и фискалната криза во Франција.
Падот на владата, според Ројтерс, ја турка втората по големина економија во еврозоната подлабоко во мочуриштето на слаб раст, високи трошоци за задолжување и товар на долг кој станува еден од најтешките во Европа.
„Нема поволно сценарио, нема излез, нема веродостојно сценарио каде што ќе завршите со иста количина на фискална консолидација“, рече Фредерик Дукроз, раководител на макроекономските истражувања во Pictet Wealth Management.
Бајру побара гласање за доверба поради притисокот со кој се соочува Франција да ги поправи своите финансии – бидејќи минатогодишниот дефицит беше речиси двојно поголем од ограничувањето на ЕУ од 3% од економското производство, а јавниот долг достигна 113,9% од БДП.
Сепак, опозициските партии не беа расположени да ги поддржат неговите планирани заштеди од 44 милијарди евра за буџетот за следната година, додека изборите за наследник на Макрон се закануваат во 2027 година, објави Ројтерс.
„Имате моќ да ја соборите владата, но немате моќ да ја избришете реалноста“, им рече Бајру на пратениците пред гласањето за доверба.
„Реалноста ќе остане неумолива: расходите ќе продолжат да растат, а товарот на долгот, веќе неподнослив, ќе стане уште потежок и поскап“, рече тој.
Бајру ги шокираше дури и своите центристички сојузници кога побара изненадувачко гласање за доверба, велејќи дека му е потребна парламентарна поддршка за мерките за штедење за намалување на јавниот долг.
„Станува збор за опстанок на Франција“, рече тој вчера.
Франција, која очекува одлуката на агенцијата за нејзиниот кредитен рејтинг во петок, сега плаќа повеќе за долгорочен долг од Грција и Шпанија, земјите во центарот на должничката криза на блокот во 2011 година, и речиси исто колку и Италија.
Макрон сега би можел да именува политичар од неговата центристичка малцинска владејачка група или од редовите на конзервативците за следен премиер, но тоа би значело повторување на стратегијата што не успеа да произведе стабилен сојуз. Тој би можел да скршне и лево и да именува умерен социјалист или да избере технократ.
Француската социјалистичка партија е подготвена да ја преземе власта ако Макрон го побара тоа од нив, рече Борис Вало, претседател на парламентарната група на таа партија. „Подготвени сме ако дојде да нè бара“, рече Вало во Националното собрание пред гласањето.
Секој иден премиер ќе се соочи со големи предизвици, според Ројтерс, и ќе мора да изгради деликатен сојуз со либералниот блок на претседателот, кој се спротивставува на многу од идеите на левицата, вклучително и зголемувањето на даноците за најбогатите за да се пополнат финансиските дупки во Франција.
Падот на малцинската влада ќе ги продлабочи проблемите на Франција во време кога Европа бара единство во услови на војната на Русија во Украина, сè подоминантната Кина и трговските тензии со САД.
Превирањата ја загрозуваат способноста на Франција да го контролира својот долг, со ризик од понатамошни намалувања како што се зголемува јазот во обврзниците.
„На нашата земја итно ѝ е потребна рационалност, а најмногу ѝ е потребно единство. Сепак, поделбите се закануваат да преовладаат, што го загрозува имиџот и угледот на нашата земја“, рече Бајру вчера.
Социјалните тензии исто така растат. Некои онлајн групи ги повикаа Французите да „блокираат сè“ во среда, а главното синдикално седиште планира социјални акции на 18 септември против планираните намалувања на буџетот.
Заминувањето на четвртиот премиер за помалку од две години ја нагласува политичката криза што ретко се гледа во Франција од воспоставувањето на Петтата Република во 1958 година. Повоениот устав имаше за цел да обезбеди стабилно управување со создавање моќен, високо централизиран претседател со силно парламентарно мнозинство.
Наместо тоа, Макрон, чие доаѓање на власт во 2017 година го разби политичкиот пејзаж и неговите традиционални главни партии, сега се бори со поделен парламент во земја што не е навикната да гради консензус или да работи преку коалиции.
Како шеф на државата со овластувања во областа на надворешната политика и националната безбедност, претседателот директно го назначува премиерот кој ги управува внатрешните работи. Сепак, откако Макрон минатата година повика на предвремени парламентарни избори, Националното собрание беше поделено на три блока – левицата, центарот и екстремната десница – без апсолутно мнозинство, што создаде еден вид политички ќорсокак и несогласувања околу буџетот.
Марин Ле Пен, лидерката на екстремната десница, го искористи своето обраќање во парламентот повторно да повика на нови предвремени избори. „Овој момент означува крај на агонијата на фантомската влада“, рече Ле Пен. За да се избегне парализа во Франција, додаде таа, Макрон „сега има само една опција – да свика нови (парламентарни) избори“. „Распуштањето не е каприц, туку институционална лост за пробивање на блокадите и овозможување на демократско функционирање“, рече таа.
Партијата Национален собир би имала корист од новото гласање и во моментов води на анкетите, но пресудата за проневера против Ле Пен го отежнува, ако не и невозможно, нејзиното учество на потенцијални избори.
Синоќа од Елисејската палата беше објавено дека Макрон ќе назначи нов премиер „во наредните денови“, што значи дека не планира да распише предвремени парламентарни избори, а анкетите покажуваат дека таков потег не мора нужно да донесе мнозинство за која било партија или да го прекине политичкиот ќорсокак.



