ПочетнаЕКОНОМИЈАОд работа во канцеларија до работа на тезга – кога дипломата не...

Од работа во канцеларија до работа на тезга – кога дипломата не го полни фрижидерот

Сè почесто на пазарите и по малите пазарски тезги ќе сретнете луѓе со факултетски дипломи, па дури и со магистратури. Нивните лица зборуваат доволно – тоа не е избор од амбиција, туку од нужда.

Кога канцеларијата не ја плаќа киријата, а дипломата не го полни фрижидерот, луѓето ја менуваат работната маса за работа со пластична тезга, па и со гајба на асфалт.

„Срамот одамна го оставив зад себе“, вели Радмила, дипломиран економистка што продава овошје на пазар. „Подобро да стојам тука и да заработам за денешниот леб, отколку да чекам плата што доаѓа со месеци задоцнување. Дипломата ја чувам во фиока, не ме грее“.

Феноменот не е нов, ама сега е видлив како никогаш досега. Државната статистика ќе каже дека невработеноста е намалена, но зад бројките се крие вистината – луѓе кои формално имаат работа, но реално немаат перспектива.

На терен, разговорите со граѓаните ја покажуваат суровата слика.

„Работев во канцеларија три години“, раскажува Горан, правник по струка, кој денес продава мед од својот дедо. „Има ли смисла да седиш со бела кошула, да работиш со документи и на крај да не можеш да купиш млеко за детето? Се свртев кон ова, барем тука знам колку ќе донесам дома“.

Економистите предупредуваат дека ова е аларм за целото општество. Кога образован кадар се приморува на ситна трговија за преживување, тоа значи дека системот создава дипломи, но не и услови за нивна употреба.

„Имаме парадокс – сè повеќе факултетски дипломирани, а сè помалку квалитетни работни позиции“, коментираат експертите. „Во вакви услови, дипломата станува хартија без тежина, а луѓето избираат трговијата како последна линија на одбрана“.

Сцените на луѓе што со гордост некогаш ја примале дипломата, а денес се на пазар и продаваат кантарион, домати или половна гардероба, носат горчина.

Не затоа што пазарот е срамен – туку затоа што приказните зад тие луѓе се приказни на скршени очекувања.

„Кога завршив медицина, мислев дека животот ќе ми оди по друга патека“, раскажува млада медицинска сестра што продава рачно изработен накит и го продава онлајн.

Секојдневието ги тера луѓето да бидат и практични и сурово реални.

Фрижидерот не се полни со титули, туку со денари. А тие најлесно се наоѓаат таму каде што има проток на луѓе, на улица, меѓу тезги, во атмосфера каде дипломата е само спомен – а преживувањето, единствената сметка што мора да се плати.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП